Saturday, February 16, 2019

/9/ огнени молитви


1.

Крвава еклипса -
секој момент е свет
ноќта умира во чест на соларниот Бог
креветот не е мој
ниту сонот што го допирам безсетилно

секој здив е одмерен
и свртен спрема моите гради

Почетокот на патот
го поставувам со мака
одам натаму каде што сакам
сепак припаѓам
на доцната крвава еклипса
што ја одминав телесно

секој даден збор е одмерен
и свртен спрема моите гради

Понекогаш си мислам
состојба од каде што не можам
да се вратам
е начин да те добијам
понекогаш те замислувам
замината, а јас друг
непроменет само погрешно посветен

секоја замисла е посебено одбрана
секоја солза е одмерена
и свртена спрема моите гради

Во ноќите безвременски
и во оние кои што им следат
толку обични, сурови и празни
го поставувам патот
велам што е горе
тоа и доле
што е измеѓу - јас

почнувам и секој запис
е свртен спрема твоите гради.

2.

Ти си моја и јас твоја
среќа и несреќа велиш
и јас се шегувам
и ти се шегуваш
и двајцата се штрекнуваме
и молчиме како да не е
како да мојата филозофија
е принцип на космосот
и како само да чекаме
времето да измине
и светот се промени
и луѓето се променат
а ние заедно останеме исти.

Во ноќите каде што
најмалку ти кажувам
најмногу пловам и се бодрам
дека мојата љубов е токму
принцип на космосот
па тешко ја искажувам.

3.

За 12 минути читам глава добра поезија
и се полнам со кофа оган спремен
да ја исплукам

12 часа се борев и носев со маката
дека не можам
а сега во ноќта не ми се ни
зборува со тебе

ретко сум во можност да бидам
во оваа ноќна немарнина
празна без бука или месечина
ниту крик а сепак загорлив сум

како да сум таму до сокакот
на една жена која ја посакувам
а без нејзината вода сум
без тутун, без нечујна болка
само мечта која ме буди и расонува
за поезија и нередовна инспирација.

4.

Зарем четвртата треба да биде
измочана со хедонизам кој го добивам
со водена стрела и лига
кој е толку сув и толку златен

Четвртиот дел не наликува
на тоа со што го сквернавам
четвртиот не е безизмерно задоволство
ниту ампутирана болка

но да силен е
во мене е различен
забрцан е во папочната дупка
и гребе и се продира навнатре

Четвртата приказна замотана
во претешка планина
завиткана во стрмни пустини
кои ќе треба да се пребродат

Четврата е ритуал што ќе треба
попат да го научам.

5.

Читам многу пијам
мислам многу пијам
а не пијам толку
само му верувам на пијалокот
он го пие пеколот од мене

и не пишувам многу
напротив пишувам преретко
дури и со страв. Жените ми станаа
многу полесни од поезијата
а задоволството е тука некаде

баш помислував да запишам
за ефектот што го добивам
со тоа што се чувствувам исполнет
со вреќа празнина. И стомакот знае
па го полнам со пиење
знае дека нему му верувам.

6.

Искрено имам за многу да пишувам
за убавини и за скапаници
за летови и падови. Дури и за
мојот расклатен карактер.

Поискрено имам и за кого да пишувам
имам жена, не сме верени
ниту ме знаат нејзините
и не е најсјајно, но таа е жена
што не можеш да ја одминеш в песна

И припомнав и дека ќе ја спомнам
неа и нејзините колачи за мене.
Неспремени но знам би ги донела
во пластичното со сино капаче
што треба да се врати

Имам многу да пишувам
многу и да љубам
многу и да заборавам
и многу песни кои не знам
како да ги завршам
кога се за неа.

7.

Грицкам ореви
ја меркам чешмата за вода
пишувам, читам и не спијам
не се грижам што работам
ниту сум уморен
ретко користам хартија
имам лош ракопис
штрбо пенкало
немам нешто простор
може немам време
постојано сум возбуден
од мисли и чувства што ми навираат
ретко грешам
а кога грешам признавам
најдоцна до следниот ден
грицкам ореви
што ми ја сушат устата
но полн сум и вода пијам
само наутро или послем вечера
и сакам мирни ноќи
во кои сум тивок и осамен
и најголемите соочувања
се токму тие
што не знам зошто и како
во такво битисување
комотно уживам.

8.

Би завршил со четврта
за вечерва
онаа место цигара
што порано ја палев
на малата терасичка
со возбудливиот поглед
кон оџаците на Комуна и Топлификација
пред да спијам
или пред да заспијам
растревожен од некоја црна мисла.

Сега сум мирен
но пак би си поиграл со жарот
во темнината и тишината.

9.

Што заслужуваш
и што добиваш
овие денови се бавни и болни
пријателу личен

што даваш
и што понудуваш
за да бараш правда
и љубов што никој не ја скротил
непријателу на себеси

патот можеби води надолу
или можеби лебдиш
и не пратиш ниедна патека
нема да изгубиш пријателу
ти веќе го фати местото со најубав поглед
и трпеливо чекаш љубов
посилна од себеси.

2016, август



Friday, February 23, 2018

верзионирање

едно време мислев поезијата е света
и ја негував затворена во киворот.
некои би рекле своевремено
но тоа не беше мое време
беше негово па со него и сотре

друго време мислев
поезијата е брутална убавина.
па ја красев со чувства
а најмногу со гомна
присобрани од сите страни
но неретко и од мене самиот.
но тоа веќе не е мое време

и не ми прави некоја разлика
дали е клетва или благослов.
не умеам да го дадам
ни едното
ни другото
па благодарен сум и ако ме измине
таква понуда

ова време сега е чудно
веројатно затоа што сум тука
заедно со него
па си мислам ако видам човек
што пасе трева
тоа ќе ми биде такво слатко задоволство.
осудете ме, но јас се смеам

и поезијата е иста
како што била отсекогаш
- светлина со која
го делкам непознатото;

нож што љуби крвни садови.






Saturday, September 2, 2017

на брод и падобран

ми рекоа дека е тешко
да те земам во мојот свет
ми рекоа дека имаш твој
дека бил совршен

тие кои се плашеа
да бидат некаде каде што не биле
тие кои се плашеа да се запрашаат
што им ги заведува мислите

-

прелистував во соновникот
утрото
сам со својот зен
a ме возеа тие

истите чувства од сонот
реалноста ми беше
заборавена
и се плашев, но од што?

-

можеби градењето трпение
е трпение кое што ми е потребно
да имам трпение за уште
неколку месеци

вакуум

но морам да стигнам таму
плановите се веќе сковани
светот е готов дизајн
во чив сум протагонист

-

ти велам кај мене ќе дојдеш
со мајчински инстикт
напуштена од својата
граница

на заедничко патување
на брод и падобран
твојот свет
и мојот патоказ

-

ми рекоа дека е тешко
но јас веќе победив.


Saturday, July 29, 2017

смалениот филозоф/поет

Сакам да ги видам нејзините цицки
но тоа не е воопшто автентично

не знам за која личност станува збор
и не знам зошто помислив да пишам Марта

кога би бил искрен нема да стане збор за Марта
туку за жена му на Марков

и не станува збор за цицки туку за газиште
што Буковски опишуваше дека го драпал

додека жена му на Марков му носела пиво.
Лаги, вулгарности и ништо важно во суштина

освен што сакам да ги видам нејзините цицки
а сигурно и они ме чекаат

да допишам само уште два стиха
за ова да биде нивната автентична сонета.


Friday, February 24, 2017

Зошто грешам како скршен човек

монах сум во ноќта
бакнувам како предавникот
проповедам како синот божји
Алах го промислувам
се јавува во утрата преку разгласите

сите сме едно во пијалокот

верувам во твојата кафана
девојко
монаси се твоите гости
слушаат народно
слушаат електро

никој не верува во Бог
никој не верува во Држава
никој не верува во родот свој

монаси на ноќна миса
пијам чаши што ми ја доближуваат
иднината со шеќер нафора

монах сум во ноќта
тивко чекам грешница
да ја исповедам


Sunday, February 12, 2017

аут

блиску таму
во соба
без букви

машински принцип
низ марков ланец
светлина во бран

чувство внатре
години
без време

ти таму
блиску
тука

во соба
без манири
небесно тело
од подземјето

етанол во писмо
блиску тука
сонам на брковите од Ниче

ти таму
блиску
тука

небесно тело
во черепот





Wednesday, January 11, 2017

посакувам да се видиме

мали парчиња беља
срце од карамела
не можеш да

како да запреш
не е тој
од Елизија

мало вкусно срце
од карамела
и наросени бељи
не можеш да

неговиот план
не можеш со него
да
само планот
ќе му го видиш
и ќе продолжиш

снегулките се барокни
и сите сме од тага
обземени
богови кои се соочуваат
со проблемот на 
не сеприсуството

и ќе проголташ прекрасна
жал
и ќе речеш
љубов 
љубовта е се`

љубовта е планот
и само тоа ќе го видиш


Friday, November 11, 2016

не се пишува кога се оди на работа

се будев во креветот
кога се сетив на неа.
со подотворено око ја замислив
па пропаднав во сон без неа до заборав.

ги вртев педалите
покрај моќната надојдена вода
на која и се восхитував.
на малиот водопад кај железничиот мост.
магловито ноемвриско утро
втор пат се сетив на неа.

не се пишува кога одиш на работа
немаш време
иако си жеден и сув

помислив на пижамите
дека би ги сакал бели со сини точки
како оние на фустаните од Mерилин Mонро.
но тоа не е мисла за маж и тука прекинав.
научив разлика меѓу род и пол
тоа не е мисла на маж.

чекав на семафор
кога пак се сетив на неа
на таа не машка мисла.
дознав и дека Леон преминал
тогаш кога ммкаше и играше
на песна во твојата глава.
танцувај ме до крајот на љубовта
- таа рече ја пееш.
каква случајност да се сетиш на него
кога умира. и ќе верував во метафизика
да не дознаев дека починал три дена
претходно, а ова сега е само вест.

не се пишува кога се оди на работа
кога се оди на работи
иако си жеден и сув

Saturday, November 5, 2016

Проповед

во својата себе хипноза
да те сонувам
во својата проповед
да те спомнувам
во својата инспирација
да те добијам

да се створи слика
во која се качувам
да се створи слика во слика

во својата себе хипноза
да те сонувам
во својата приказна
да те раскажам
во својата инспирација
да те понудам

да се створи слика
во која се качуваш
да се створи слика над слика

во својата себе хипноза
да те сонувам
во својата теорема
да те докажам
во својата инспирација
да те изгорам

да се створи слика
во која се каменуваш
да се створи слика под слика

да те има во неа
со мојата рака да пишуваш

-




Tuesday, October 25, 2016

Тела и нивните делови



Коленото со модрица и бутот со гребаница секаде одат во пар. Во градот тие се толку познати што дури и осамениот г-дин И. ги познава. Коленото со модрица ја врти левата педала, бутот со гребаница десната и така тие секаде стигнуваат заедно.

Господинот И. пак за разлика од нив секаде оди сам. Нема пријатели и сеуште не го разбира поимот познаници доволно. Често седнува на клупа во паркот на среќата. Понекогаш има навика и да доцни од непознати причини.

Во паркот се наоѓаат тој, коленото со модрица, бутот си гребаница, заспаниот пијаница под младата смрека и загубениот хипик. Заспаниот пијаница се буди и бавно му пристапува на хипикот барајќи запалка за цигарата што ја најде закопана под смреката. Хипикот нервозно станува од клупата, извикува неколку пцовки кои личат како да се наменети против него и го напушта паркот удирајќи се одвреме навреме по главата. Пијаницата рамнодушно прочепкува по задните џебови од своите пантолони и наоѓа запалка. Кутриот наместо цигарата се самозапалува себеси и со смирен чекор се приближува до фонтаната од каде што пие вода и постепено го напушта паркот клацкајќи се.
Во паркот на среќата И. е сведок на секојдневието. Сличното ако не и истото се повторува речиси секој ден. Така коленото и бутот се исправуваат и двете заедно почнуваат да ги вртат педалите.

Г-динот И. доаѓа во својот дом, ги навлекува пижамите и заспива токму пред да легне во креветот. Сонува мртовец кој што лежи испружен на маслинест сомотен кауч и го повикува И. да му се придружи во одморот. Мртовецот упорно го убедува дека нема седа коса иако тоа е јасно воочливо.
По некое време И. се буди од сонот и се наоѓа себеси легнат на грб во креветот. Забележува дека додека спиел двата екстремитети за чекорење го напуштиле заедно со сите парови чевли во куќата. Тој влечкајќи се со рацете излегува од домот и стигнува на работа каде што поминува осум часа и четириесет и три минути. Никој не го прашува за нозете.

Во среќниот парк повторно се случува секојдневието. Како во агли на ромб наредени на клупите седат И., хипикот, пијаницата и коленото со модрица и бутот со гребаница. И. со рацете пристигнува до клупата каде што се наоѓаат познатите колено и бут и мирно застанува. Во меѓувреме хипикот и пијаницата си ги чепкаат завоите, едниот му ги покажува отоците на главата, другиот изгорениците на вратот.
И. посегнува по коленото, па по бутот и истите ги прицврстува за своето тело.
Се исправува. Коленото и бутот за првпат ја чувстуваат земјината тежа. Истите се допираат меѓусебно со помош на телото на И.. Сега сите се едно.

Коленото со модрица и бутот со гребаница и натаму ги вртат педалите, но сега со новиот телесен додаток никој не ги препознава. И. не е повеќе осамен, а бидејќи е воден од новите екстремитети повеќе не оди на работа. Паркот на среќата е преполовен, таму одат само пијаницата и хипикот. Секојдневието е променето, но сега времето повеќе нема значење бидејќи екстремитетите за чекорење кои што го напуштија И. сега секаде стигнуваат навреме.