Monday, June 4, 2012

Почетно

Како да се изразам, во каква форма да пренесам?
Постојат идеи кои се поетични, работи кои можам толку темелно да ги доловам и измерам што лесно би станале дел од некоја научна теза, нешта блиски до самоанализа.
Сето тоа сомелено, соберено во претворба на еклектичко тело во појава со метафизичка природа.

Се разбира тоа беше само еден глупав увод во тоа што следува, мал удар во философскиот пристап кон нешта што т.н. мислители не можат да ги доживеат поинаку освен со недостиг на слух.

Не сакам да се сфати како насилство ударот кој што воопшто не е морално поткрепен, не сакам ниту да се мисли дека во овој кивор се кријат такви проблеми кои се дел од порциите на други полноглавци. Тука се испишуваат зборови кои се обидувам да не заминат многу далеку од простата вистина на хемиските сокови кои ги перцепирам на разни сетилни и разумни начини. Тие сокови може да се, но и да не се дел од нормалното/генеричко човеково тело, но не го гледам тоа со важност поголема од тоа да се спомне колку да се задоволат бедно љубопитните глави. Отворениот конус кон надворешноста не смее да се потцени, меѓутоа:
Зарем тоа што го чувствуваме не е разиграно движење на струјни импулси низ граф од емоции?
Зарем емоциите не се јазли приспоени со врски од различни големини/тежини?

Човековата емотивна структура е како џемпер, исплетен во чворови и врвки, во бои и шаренила, во најразлични дебелини, детски, старечки, секакви џемпери, се облекуваат во блесокот на огледалата од емоции. Мала дупка може да го уништи, мал молец во средината да го распари и растури целиот систем од доживувања. Секогаш процесот на ентропија е полесен и поинстантен од тој на синтропија, како споредба може да се земе разликата во сложеноста и долготрајноста на процедурите за креирање и одземање на живот од висока свест. Но се прашувам друго , каде е тука стравот?
Зошто делува толку променлив, толку независен од другите, обвиткан околу џемперот, надмоќен?

Стравот може да ги победи сите и да се престори во множество од налудничави идеи.
Стравот секогаш служи во полза на животот, дури и тогаш кога не може да се издржи неговиот притисок.
Љубовта потклекнува на стравот, иако може да биде најубавиот материјал за да се искрои дејство врз светот.

Проблемите не  настануваат кога нема потенцијал, туку кога едноставно не постојат соодветни механизми  (или се добро маскирани во полза на хиерархиската инертност)  за да се искористи дадениот потенцијал, како на пример тој на човештвото.