Friday, December 19, 2014

Тело и не тело

Вбризгувам живот;
темен, светол и вистински
и не е мој, а го познавам
и лут сум
и тажен сум
и добар сум
и гневен сум
и најобичен сум
и жеден сум
и некој ме потбутнува
неколку станици пеш
не давајќи да користам општонаменски
превоз. И молчалив сум кога знам,
кога учам и кога вкусувам.
Потплачувам без да проголтам
без да посипам капки вода
кои се срамат не од непознати
туку од познати
и од далечни и од блиски и од секакви.

А тебе те гледам во секое убаво
тело што минува, во секој поглед
што остава гребнатинка во воздухот.
Јазикот на телото ти го научив
предобро за да можам и толку
добро да го говорам. И грешам,
на себеси, не на тебе.

Мислам жешката вода ќе помогне.
Мислам дека телото што го носам
мое како да не е, како да не сум го видел
одамна и го милувам, го допирам како нешто
што е ново, неотворено.
И мислам дека жешката вода ќе помогне.
А далечен сум и отсутен.

Чекорам уморен, а само телово е уморно.
Клупи го крепат, но таму не ми се останува.
И чекорам, замислувам и запишувам
тело и не тело.

Живот не е мала работа. Живот вреден.
Го вбризгувам во мене низ градите
преку златни бои кои се исцртуваат
и оставаат траг, невидлив и силен
без потреба да биде воочен или означен.

И чекорам по тој живот. Не толку обично.
Чекорам весело низ минско поле
нишајќи ги колковите како возбудена
жена на која и треба малку внимание.
И добивам погледи, насмевки.
Нешта кои ги знам, кои веќе сум ги видел и превел.
Насмевки кои постојат да ме имаат.
Мисли кои постојат да не ме разберат.
И тука ќе се. Ќе виреат додека не ја најдат
својата суштина на некое друго поле.
И ќе исчезнат тивко, додека јас се нишам
натаму и наваму како пијаница
и не случајно експлодирам во топлина
што ни самиот не ја разбирам.
Зошто зима е.


Tuesday, December 9, 2014

Олеснителност во разумот

Колку поише читам и читам
се повеќе и повеќе ги наоѓам
истите стилови во некој друг.
И не дека ми смета инспирација
дури и не смее да ми смета освен
ако не сакам да бидам хипокрит.
А не сакам. Како и политика.
Курва, политика – синоними;
Обете даваат задоволство и
дури не на толку различен начин.
Ебење. И тоа од секад луѓево
се ебат и патат и крв си пролеваат
и главите си ги полнат со секакви
идеали. И тоа не е лошо. Да не
правеа така кур сеа што ќе
беа измислени прости броеви.
А прост број ти е тешко проја-
влив поим. Изум на човек.
Ко пари. И за тоа се ебат.


Friday, December 5, 2014

Тивок вик

Овие моменти се
вистинска реткост.
Да треба да пишуваш
а да се плашиш
од убавината што е
предизвик.
Тешко е кога јас не сум
повод за поход.
Тешко е кога си ти.


Monday, November 24, 2014

Ехо - Глас - Призма

Ехо

Не спијам долго. Се будам
во точно време кога можам
да се исмевам со Бог – рано.
Наутро. Со засипнат глас и
затнат нос се смеам преку
музика и одбегнувам да
водам љубов со себеси.

Се што сум сакал отсекогаш
е колиба на брдо што ќе ме
доближи до него. Смеуријата
му ја поклонувам со најмала
трошка одговорност спрема
неговите измислени гревови.
Не сакам да умрам во страв.

Низ скаменетиот шумски хаос
предатор сум на ноќното небо
и плен на утринската роса,
но сеуште не можам да се
пронајдам во цврста духовна
состојба. Се чини дека проли-
згувам како брашно низ сито

и повторно се навраќам во
првичната форма на жито
и повторно преминувам низ
ѕидовите на воденичарскиот
камен потекувајќи по реката
наместо низ дланките на пекарот
назад во големото корито

со вода. Волшепство. Бог
ме казнува и пофалува за сите
шеги што ги испраќам на негова
адреса. Волшепство кое ме враќа
назад низ времето и формата а
мојата свест е вечно заглавена
на брдото, во колибата. Знам,

се што сум сакал отсекогаш е
трошна колиба на планинско брдо
да самувам со природата. Не со
него. Туку со чедо на мугрениот,
паднатиот. Затоа се исмејувам со
неговата кротка нападност.
Тоа е само Ехо. Ехо.


Глас

Слушајте се кога зборувате.
Читајте на глас и слушајте.
Пишувајте за да читате.
Не легнувајте пред полноќ.
Слушајте си го вашиот глас.
Научете се да се слушате.
Ве молам, барем кога сте сами.
Сонувајте на глас и слушајте.
Научете се да се дружите со
себеси без да мастурбирате.
Пишувајте, читајте, слушајте.
Не е важно што. Научете го
вашиот глас. Слушнете го ова.
Секоја точка е ново скалило.
Зборувајте преку слушање.
Знаете тоа е исто како кога
читате. Зборувајте со себеси
без да мастурбирате.
Истурете се, вашиот грклан е
болен. На глас. Сипете глас
во воздухот и слушајте.
Тоа сте Вие.


Призма

Син на Мугрен.
Тој Сум !
Распнат.
Не на крст,
ами во призма.
Бог е Глас.
Јас сум Ехо.
Осамен сум
како нем плач.
Тој Сум.



Thursday, November 20, 2014

Овие моменти

Овие моменти сакаат
темнина, среќна песна
и само еден прочитан расказ.
ниту збор повеќе

Овие моменти сакаат
топлина, дождлива песна
и само еден замислен расказ.
ниту мисла повеќе

Вистински,
овие моменти сакаат
чаша алкохол, незапочнати писма
и само едно присутно тело.
чита замислен расказ

А песната е љубовна.


Monday, November 10, 2014

Погрешен насиет

Семафорите низ градов
не се баш синхронизирани а и
луѓето без тоа не брзаат никаде.
Одамна немаат работа.

Кучињата низ градов
воопшто не се загрижени
дека мора да минуваат на пешачки

гледајќи ги љуѓето научија
како се минува со дигната глава
и спуштена опашка.

Јас низ градов низ разни превози.
Спокоен во маалската темница
но и во најсветлата градска улица

некој низ градов сигурно
оставил погрешен насиет.

Сличноста меѓу нас ја спознав
кога престанав да гледам дали
во такси превозот виси крст или
уште една човечка мака распната.


Friday, October 31, 2014

Се што се прашувам

Насмевка, дали е вистинска
смрт, дали е вистинска

со ќебе си ја покривам
осаменоста,
со тага си ја бојам
заводливоста

правењето ништо
за телото е слобода

љубов, дали е вистинска
ми недостасува


Tuesday, October 28, 2014

Нож и виљушка

Нож и виљушка
нежно отсекуваат
парче месо.

Каснувам и мислам
на црн Бог и жито.
Голтнувам и замислувам
виулица и небо сино.

Нож и виљушка
внимателно отсекуваат
парче месо.

Суво, без крв;
Чисти дланки – мирна душа.


Friday, October 24, 2014

Небо и ѕвер

Две лица
незадоволни
од својот творец
се кријат едно
од друго и
не го признаваат
постоењето на
другиот.
Две лица
не сносуваат
одговорност спрема
својот носител
и никогаш
не го пратат
неговиот страв
и желба за
запознавање.
Две лица
свртени со тилот
си ги крадат
заемно мислите
и секогаш
говорат нешто
погрешно
посебно.



Tuesday, October 14, 2014

Неудобна

Во едно станче
спроти пазарче
сонив сон лош
плашејќи се
да спијам
од смрт
без болест
од темнина
небиднина

Во едно станче
со кујниче
беше ти
до мене
заспана
ми помогна
ко блуз на
уличар
ко река на
воденичар

Ти си
тоа што
јас како проклет
никогаш нема
да постанам.
разбудена.


Thursday, October 2, 2014

Согорување

Ти зајачуваат треперењата
од стравот кон посакуваниот
и си мислиш чувствата сами
по себе се. Недостижноста на
љубовта ги мумифицира сите
твои копнежи во мртва надеж
и неумешна наивност.
Твојата болка е привлечна
твојот страв благороден
а твојот оган стихиски.
Со него ќе го растопиш стравот
и сите чувства ќе бидат само
обични мускулни контракции.


Tuesday, September 30, 2014

64 линии ѓубре

Можам да пишувам долго
но не сум доволни пијан
да бидам трпелив со тоа
не сум доволно напушен
да бидам опуштен со тоа
не сум доволно зрел
да бидам сериозен со тоа
не сум доволно гладен
да бидам задоволен со тоа
не сум доволно присутен
да пишувам долго, а
само сакам да го гледам
и слушам тоа што
го плукам пред мене.
Ме заболе како звучи.
Уствари само сакав да
чкрапам. Тоа ме смирува.
Не се трошам. Подобро
отколку да се раздерувам
на луѓе околу. Затоа сакам да
пишувам долго, да ме нема
со денови да пишувам
гладен, уморен, ненаспан
пијан и задушен во чад.
Проклетници сакам да
ги изебам сите ваши проблеми
за да не ве гледам повеќе
со вашите загрижени
одвратни глави.
Сега сфатив зошто стварно
сакам да пишувам долго.
Од огорченост и гнев.
Од ебаните работни саати
и ебаното променливо време
и од ебаната потреба да
се има чадор секогаш.
Од ебаните ланци кои ме
држат закован за бандера
преполна со некролози
и грди кучиња што се
мочале по неа. Ме курчи
кога мислам на државава.
Уствари поише народот у неа.
Се прашувам дали некогаш
и некаде луѓето не биле робови
на таа проклета машина
за контрола и ред. И на
сите нејзини гомна и на
сета ебана модерна култура
што се има испосрано
во секој четврт. И питата
бурек е смалена. Сега кога
ќе побараш четврт ти даваат
шестина. Што кур да правам
освен да пишувам цела вечер.
Да зборувам за љубов или да
спијам? Или да го чекам
прегласниот оџа да почне
со своето свето рикање
додека не стане оџачар
што носи среќа кога ќе го
слушнеш?
И дали се важи снимка?



Thursday, September 25, 2014

Ќе немам јас

Неколку пати се сретнав денес.
Занемен. Се прашав што барам
таму во претерано аглестата соба
на немоста. Соба без мириси.
Неколку пати се двоумев денес
и наместо одлука плукнав болка
разиграна околу моите лопатки.
Си реков би прилегнал како жар
на ќумур би плутел како пепел
на вода и би се изгубил без како.
Би се изгубил како јас.
Само моето тело, мојот глас,
мојот разум, моето знаење,
мојот хумор, мојата палавост,
мојата антипатичност ќе бидат.
Ќе немам јас.
Ќе се потчукнам по грбот.
Ќе немам јас. Само претерано аглеста
соба на немоста. Без врати.
Ќе немам јас.






Wednesday, September 17, 2014

Слово на ноќ

Не сум се родил
во твојата ретина
а таму ми се умира
наутро.
Сакам да се прочитам
на твоите усни
кога ќе заминам
во твоите соништа.
Така можам да течам
осамен. Надвор.
Темносин.


Tuesday, September 9, 2014

Песочен призрак

Кадра и привиденија
прикачени на караваните кои врват
низ песочни дини населени со неживите
се прикажуваат во астрални соништа

бездушни тела и аморфни коски
го чекорат патот кон литургискиот култ
со усти полни песок и муви
го земаат своето свето причестување

На врвот од патот песочен призрак стои
држи тајна чивија на смртта
неживи и бездушни негова моќ ќе примат
со бакнеж врз засушената црвена течност
живот преку смрт ќе видат

Небото зинало над своите чеда
бесмртноста фрлила сончев поглед
врз врелиот песок и кожи кои висат над мртвите тела
ритуалот буди живот и надеж
илузија што космичкото проклетство ја зема

Меѓу небото песокот и магливото море
се крие вистината што ја дишат се потешко
песочниот призрак не е творец
само ништожник кој има сила над времето
тој не може да даде ниту земе

Приказни и замастени хартии
прикачени на караваните кои врват
низ песочните дини населени со неживите
се читаат во астрални соништа

бездушни тела и аморфни коски
го градат патот кон подземниот свет
со умови полни црви и болест
го плукаат своето свето страдание

преку молитви и песни
преку танци и верба
преку ветар и гушење
преку тивок сон и спиење

нивниот аџилак е крунисан
со древен страв и безвредно знаење
нивниот призрак е во нас кога сонуваме
нивниот песок е во нас кога издишуваме

~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~





Monday, September 8, 2014

Спонтана омраза со искрена порака за љубов

Вистински ве открив
и здобив физичка одбивност
да пишувам песни во ваква
кратка - модерна - инстант
форма на суетизирање.
Верувам дека дел од вас знаат
но повеќето не
дека празнината на вашите зборови
се состои од основното непознавање
на вредноста на слоговите
со кој глаголувате.
Да поедноставам
некои слогови стекнале ниво на збор
и тие ме потсеќаат на вас.
Како пример ќе ви го посочам
можеби најдобриот:
- кур -
примете го почес(н|т)о.


Saturday, September 6, 2014

Јас прашинест

Јас прашинест
 
чувствувам треба да пишам
да се навраќам назад
да не се бришам

сакам да кажам збогум
но тоа е далеку да се стигне сега
кога немам време да кажам

бавните работи се исцедена убавина
и се таложат со намера да останат
во моментот засекогаш

моите нови објекти за акт се бледи
нежни и светли од коренот
чувствувам дека ми требаат

спремен сум да ја земам
целата нивна леплива количина атоми
низ нив да се расеам

јас полиморфирана безтелесна прашина



Thursday, September 4, 2014

Не се пишува кога си светол

Не се пишува кога си светол
не се пишува кога си светол
не се пишува кога си светол
не се пишува кога си светол
не се мантра кога не се пишува
не се пишува кога си светол
не се пишува кога одиш надвор
од комфорот на умот
не се пишува кога си светол
не се пишува кога го закопуваш духот
во утробата на денот
не се ни чека вистинско време
да напишеш сурова глупост
што се родила кога си светол
напоменувам
не се пишува кога си светол
ниту се мантра
ниту се лежи на кревет
ниту се умира
ниту се живее
ниту знам што се прави кога си светол
ниту сакам да бидам светол
и ќе повторувам 
и ќе вртам со истото
додека не добијам гадење
од тоа што не се пишува
кога се чувствуваш изебано светол

*




Tuesday, September 2, 2014

Нема поема

Неправедно е да лажам
дека Абраксас ми доаѓа често
кога сум над ќенеф
Тоа ми дава задача да пишам
долга поема за кратка душа
долга лага за тронка вистина
како го поминувам врнежливиот распуст
откако се распуштив себеси
од секаков морал да бидам вреден излог
под нечија дланка.
Неправедно е да лажам
толку често колку што тоа го правам
додека Тоа е под моја контрола
и како призрак се движам ноќе
маскиран спрема себеси во огледало
каде што нема да се препознаам и разгневам
на сите моменти каде што сум преспал
врз сеното на некоја друга среќа
затоа што било неправедно да лажам
дека не чувствувам никаква потреба
тоа да го земам наместо дадам.
Нема поезија.
Како удар од пресилен соничен бран
кој го прегрнувам во тишина
пишувам нема поезија
и секоја поема молчи засекогаш.



Sunday, August 31, 2014

Кратка порака

Разликата меѓу проекција
и вистинското случување
е подеднакво иста инсинуација
хаотичност што ја наоѓаш
еротски потентна.
И не треба одговор
скован од вербализам
само поглед што искри.


Wednesday, August 27, 2014

Посакувано проклетство

Понекогаш се плашам
од преголема количина инспирација накратко.
Знаете тоа е како да и подавате рака на старица
на сите семафори додека да стигнете некаде.

Не сум толку фин простете
додуша и ретко кога сум толку надразнет
со идеи што вредат да постанат нешто повеќе
од издувана прашина зборови.

И каква било синергија меѓу мене и вокалот
што треба да ги расее е ништожна.
Едноставно не се согласуваме, ниту почитуваме
само се разминуваме со по некој одблесок омраза
од некоја не толку случајна чаша аперитив.

А многу посакувам да беше подобро и поинаку
да бев некој обожован лик од филм ноар.
За тоа го колнам Ѓаволот и сите негови слуги
а Бог го чекам да престане да биде толку пеколно досаден
па тогаш може и да позборуваме за најновите научни откритија
и како истите се имплементираат на белото платно.

О Боже О Сатано
понекогаш само сакам да воздивнам со Вашето име
и верувајте дека тоа не е напразно.
Спомнувајќи Ве доживувам катарза.
И кога молчам в тишина
и кога врискам како животно.
Благодарам за енергијата и вечните кружници
што ги исцртуваат моите клетки се за Вас.

Како што реков
се плашам кога ќе ме нападне проклетата инспирација.
Тоа автоматски ве напаѓа и вас со вжештени сабји слогови.
А вие сте фини, образовани, културни и продуховени
совршени за да престанете да мислите
уште помалку да читате,
а најмалку да прокрварите.
Доволно е да слушате.



Мелодраматични подморници

Мелодраматични подморници
вршат нанометарски прошетки низ моите вени
се прашувам имаат ли постава
или се само празни направи што собираат
кристали и полудрагоцени остатоци
од алкохол, отров и адреналин

ликвидни вибрации имаат смисла
изразени само преку
проста математичка хармонска низа
празни подморници имаат смисла
само во твоите водени очи
закотвени без сидра

по една мелодраматична приказна
оставена во секоја пловечка направа
идеите наликуваат се повеќе
на капки крв во летачка подморница
барајќи кислород и слобода
во нечии белодробни крила

ликвидни вибрации имаат смисла
изразени само преку
проста математичка хармонска низа
празни подморници имаат смисла
само во твоите водени очи
закотвени без сидра

бучава и тишина подморницата ги спојува во едно
истата празнина ја чувствува секоја машина
вдишуваш,издишуваш - погон што ги придвижува
посакувам да сум таму како звук - единствен екипаж
преку дел од некоја пора да се допрам и преминам
во внатрешноста на некоја друга месеста машина




Sunday, August 24, 2014

Психосоматска белешка

Моите песни се храна
која се приготвува со денови.
Денови на варење недоживеани моменти.
Кога приготвувањето завршува
истото соодветно се конзумира.
Моменти на дегустација на изживеани денови.

Понекогаш пак се кратки и едноставни
исечоци материјална реалност.
Тогаш се серат.


Saturday, August 9, 2014

Како го разбирам мојот свет

Возејќи се низ лифт гладен како по обичај, реализирав дека го пронајдов вистинскиот рецепт
по кој што треба да се водам кога пишувам. Всушност се навратив наназад , во детството, кога се родија меѓу првите песни на мојата невиност. Една од нив беше творба за јунакот Гоце, оној Делчев големиот.
Ја пишав сам, скриен во тишина. Татко ми некако ја пронајде, ја прочита и никогаш не ми поверува дека не сум ја препишал. А тоа не беше школска задача, туку плод на чиста љубов и восхит што ја имав кон јунакот.
Деновиве се пронаоѓам во минатото. Тогаш пишував и се чувствував дека правам нешто големо, нешто важно и тајно во исто време. И деновиве пишувам, рецептот е напамет научен и совладан, се е речиси исто, се освен последното.
Се мислам дали да го премолчам или не. Се мислам дали доколку го премолчам ќе дознаете, ќе почувствувате, иако не е исто, дека сепак се надевам? Мислам, се надевам на тоа дека е важно и големо, доколку не ме разбирате или интуицијата ви зарѓала.


Friday, August 8, 2014

Наместо исповед

Велат дека треба да бидеш човек
богат со мисли и зборови кои патуваат
по сите меридијани и перници
барајќи убавина,

велат дека треба да имаш дарба
да ги прибереш луѓето околу тебе
твојата поетска аура да постане харизма
со која ќе ги освоиш засекогаш,

велат дека има луѓе што разбираат
дека знаат што сакаат да кажат и покажат,
но тоа што го велат јас не го умеам.

Одбивам да бидам таков заводник
чисто од инает кон мојата неспособност
чисто од љубомора кон другите
перфектно сум искрен и искрено осуден,

мене не ме бидува во бидувањето
соломонски мудрец кога пишувам
не ме бидува да бидам пустински лисец
кога чекорам,

не ме бидува ни да бидам обичен работник
без да претерам со есенцијата
од моето антипатично патење.

Повторувам, не ме бидува да се излечам
од болестите кои ги оставам на хартија
пишуванките се само проѕирни и
празни епрувети духовитост,

но ме бидува да бледеам и заминувам
од неспособноста во која сум се впуштил
да ја барам среќата.

Го оставам тоа на другите
умешните од се да направат занает,
занаетчија не сум
само обичен простак
и како таков ќе се однесувам.

Сделано на 07.08.2014, 02:20
прегладнет како и сега.





Tuesday, July 29, 2014

Едноставна поема

Баш некако се стега обрачот околу мене
и сакам да се присетам на зборовите
што ги пишувам во секоја песна

гледам зелена позадина која ме инспирира
таа боја ме тера да се присетам на неа
на една вистински возбудлива жена

чуден звук во позадина вибрира и ме спречува
да ги замислам зборовите што ги пишувам
секогаш истите но само за различна жена

баш така и се замислувам
драги дами и господа
дали навистина ми е потребна
оваа жена


Sunday, July 27, 2014

Сонета за вистинитоста

Ти си најубавото нешто што може да се изебе
да се преврти, да се помази
твоето влажно пиче сака кур
да поигра длабоко во твојата разиграна психоделија.

Ти си најлесната да се оставиш да замине
најблагото бомбонче кое го плукам од премногу шербет
ти си најдоброто пиче на кое би сакал да се присетам.
Емоционално.
~
Пиченце мало во кое сум затрескан
би те лижел до папук
би те лижел во уста

би ти свршил на стомаче
би ти оставил поклонче
може и би те сакал.


Tuesday, June 17, 2014

Јоги во прав

Седам вркстен
соочен со челото спрема исток
на главата ми седи триаголник
или јас седам во него
пријатно миризлава пот
ми тече низ пазуви
чекам порака
испратена пред век
тивко издишувам
чекам
нема локомотива
нема свест




Tuesday, June 10, 2014

Мајка на бес

Се будам од сон
во кој те видов
прошетавме
правевме глупав мал муабет
стекнавме доверба
да си кажеме нешто
без да има трнова ограда
околу нас.
Во ред е,
колку и да не сакам да признаам.

Ми кажуваш за некого
сте се виделе денес
ја опишуваш неговата
себесвртеност и исполнетост
се поради некои трикови
што треба меѓу нас
да создадат потсмев
а знам дека ти се допаѓаат
зар гладна мачка би одбила храна

Те прашувам за колку време
ќе му дадеш
ти велиш за три гледања
и се замислуваш мирно
а јас иако спремен
за прошетка
сепак сеуште бесен и улав
си одам остро
бидејќи бевме пред влез
не зборувам само се вртам
фрлам одалеку да те удрам
со клучевите
ти се дерам
ти се заканувам да не поминуваш
повеќе
затоа што ќе те убијам
ако те видам во близина
затоа што и мене ми се соблече
третиот пат.


Friday, May 30, 2014

Вреѓање

Како сте драга вагино
ве гледам сте се пичкосале.
Дали доволно се усравте за денес
или имате потреба уште на некој
да му покажете каков ужас од клетки сте?

Како сте пичко
е прашање што завршува со точка.
Бездруго никому не го интересира
од каде се сте ја собрале таа генитална смрдеа.
Човек кога мижи ги запира и другите сетила.

Сепак, навистина имате потреби
од кратки посети и посвета на внимание.
Драга вагино вие го правите тоа од љубов.
Го правите од страст и инстинкт.
Штета што вашиот сопственик не е свесен за истото.

Се вреѓа на курво.


Wednesday, May 28, 2014

Срдечноста во скаменетиот свет

Во темно-електронскиот свет на направи кои полека стануват дел од мојата биоматерија, чекам поголемо парче на информации спремни да ми го заробат сонот и времето. Во меѓувреме како ритуал за времепатување ги читам проклетите Прустови пасуси и се обидувам да се пролизгам низ пругите на времето како празен воз со испукани капилари на очните капаци наместо тркала на локомотивата.
И заспивам на ладниот кауч како маѓепсан. Единственото место каде заспивам без напор. Таа ладна прегратка. И секогаш сонот со човек врз кој безпомошно се обидувам да зададам тупаница по лицето. И секогаш безуспешно, со скратени тупаници. Само омраза и бес пред да се разбудам од истото.
Но тоа (будењето) доаѓа, еве сеуште во моја полза. Парчињата заспале, се заподаточиле, времето ги изминало, а бесот и мојата желба за тупаници и танцување пред огледало ја преместувам за нови лица, поскаменети.







Wednesday, May 21, 2014

Одлежување

Една и пол лименка пиво
ме дели од тоа што треба
да го пишам денеска

сепак ќе искористам
само една и пол минута
да заобиколам

останувајќи залежан
пакувајќи зборови
во невидливи сфери

јаглерод диоксид
што ќе ги издишам
на некоја клупа

не денеска
додека е среда



Tuesday, May 20, 2014

14

Не го живеам мојот
пратам темпо што не е мое
грешам, играм игра
чии правила не ги знам
не го живеам мојот
мојот се буди во 2 и 23
по полноќ.

Суштество во мене
аватар од животно
јас сум во огледало
не го живеам мојот
поглед
мојот се крши
наутро.



Sunday, April 27, 2014

Љубовна поема за секоја и ниедна

Љубовна поема за секоја и ниедна
е поема за љубовта кон жена
кон онаа секојдневна
што ја гледам
што ја допирам
што ја мирисам
што се борам да ја освојам
кон онаа невистинита
што ја сонувам
што ја замислувам
што ја плачам
што се борам да не ја изгубам

Љубовна поема 
знаеш романтична
не знам да запишам
во ова мое двориште
преполно со лудост

Љубовна поема
не можам да посветам
на една жена
таа мора да е вистинска
всушност лажна

Љубовна поема за секоја и ниедна
е поема за филозофијата на љубовта
луѓето бездруго секогаш бегаат
од своето за сметка на општото
кога се во прашање чувствата

Љубовна поема за секоја и ниедна
е слика на иднината што ја гледам пред мене
и таа нема почеток со љубовна поема во стихот

Иднината е блиска
колку што минатото е далеку
жената што ја сакам
не е единствена ниту била
затоа сакам да запишам
ова е љубовна поема за секоја и ниедна
затоа што јас страдам
кога секоја и ниедна не љубам.



********************************************
 


Friday, April 25, 2014

Крвава црта на безполезноста

Пресретнав необичен џин преку погледот низ пластичниот прозорец. Заматеното небо всушност била неговата присутност. Чај од кантарион? - прашав. Чај од кантарион – одговори џинот. Се напив три полни шолји па продолжив да крварам како единствена можност за исфрлање на штетни отпадоци од мене. Се разведри.


Monday, April 14, 2014

Обични соништа


Јас сум патот што води навнатре. Накратко ќе ви раскажам.
Сонував сон за момче што сонувало неколку сонови спирално испреплетени. Извртени во форма, но нажалост никогаш не стигнал да ја запише нивната содржина. Нејсе, сонот за него може  да се прескокне.
Сонував сон со една девојка веќе по втор пат месецов. Девојка која ја имам видено само неколку пати и тоа не на далечина помала од метар, до два. За разменување збор не може ни да стане збор. Се ми се чини дека соништава  што ги зачнав се случија во една ноќ додека боледував поради жешкиот асфалт свежо расфрлен на мене.
Во сонот ја пресретнав на една раскрсница со расипани семафори и високи тротоари. Ја запрев и прашав каде тргнала и дали можам да и се придружам. Така одеднаш и несмасно. Првиот впечаток што ми го остави беше дека не се наоѓа во најдобро расположение и истото тоа се преточи во однесувањето што го имаше со мене, не многу затегната од тоа што и се придружив. Можеби бев само неучтиво упадлив.
Бавно чекоревме и бавно разговаравме. Ми сподели дека оди на забава на некој си закотвен брод што беше на отприлика 20 минути пеш од каде што се сретнавме. Надвор од сижето на сонот, веројатно е дека никогаш немаше ни да го сонувам доколку не чувстував симпатии и страсти спрема неа, а истите тие беа прилично изразени и во самиот сон.
Не се сеќавам точно на кој начин ја убедив да не одиме на бродот, па по некакви неразјаснети околности залутавме низ влезовите на една зграда со искривени влезови. Оние згради, деца на социјализмот, сиви, груби, меланхолични. Стоевме замрзнати, се гледав низ погледот на набљудувач на сонот, бевме дел од неговиот кадар.  Тишина и грмотевити емоции истовремено , храбри допири и бакнеж, капка скриена солза и  секунда потребна за сознание дека е под отровот на љубовта. Не моја.
Застанавме во една маалска продавница да пиеме пиво. Тоа и се допадна, научив дека е човек кој почитува маалски традиции, гајби пиво и џаболебарски муабети. Ми се допадна и мене.
Оттука натаму се беше во некој вид на опаѓачка возбуда. Јас истиот како и во јавето, пиев и ги анимирав луѓето наоколу за таа да остане подолго, барем да пие со мене. Како по правило на самозаседа секогаш правејќи ја истата грешка во моментот кога треба да го подарам мојот фокус на некого, продолжив комуникацијата да ја ширам хоризонтално. Меѓу луѓето, од страв и театралност.
Не сакам повеќе да раскажувам, ќе прекратам. Тоа утро кога се разбудив се исцедив целосно од сите течности што ги имам во телото. Се сетив на неа и на сонот. Се сетив каде можам да ја видам. Треба само да отидам, со ризик што телото ми го побудува, да бидам сам и неприметлив и да ја погледнам. Барем од метро или два.



Sunday, April 6, 2014

Шрог

Многу нешта испуштив во мучникот
затоа што не беа ти

Сега ги собирам истите што станале само ронки
и фрлам плод врз тоа суштество без живот


Tuesday, April 1, 2014

Сонета за сладострасноста

Во ова бетонско гратче
сакам да чекорам
со сладострасност
за твојата осаменост

Чаша вода се напивам
да го пополнам просторот
што го сторил јадежот
да не горчам толку

Во ова бетонско гратче
сакам да се сретнеме
без потреба од други

само мојата сладострасност
твојата осаменост
темнината и молкот


Friday, March 28, 2014

Спичку за закурить

Треба само
две улици во мрак
да се спојат
два облака во тела
да се истурат
треба само
гриз
шешир
и бастун
за да се
спознаат

треба само
да лачи
и да гори
одвнатре
како спичка
за да се
прободат



Monday, March 24, 2014

Прекуцување

Кутивчињата на вашите животи
се преполни со слоеви нераскажани искуства
чии скриени членки во листите на битија
имале можност да ги прочитаат

Рабовите на вашите усни
воопшто не наликуваат на мислите
што низ вас се врткаат

Слушам пластични чекори
што ме вознемируваат
лагите што ги сокриваме
нажалост се вистинските ние

Рабовите на вашите очи
целосно соодвествуваат
на чувствата што ги немате

Стиховите тврди што ги пишувам
далеку се од тоа што го сакам
поезијата што е неопходна
потребно е некому да ја посветам

Стиховите се празен обид
да се соблечам.
А голотијата привлекува.




Tuesday, March 18, 2014

Меден здив

Чувства велат тажен сум
а јас носталгичен
за дланка што е носталгична
за дланка

Онаа носталгија
кон иднината

Носталгија
за средба

меден здив



Monday, March 10, 2014

Мисли со желба

Ги гледам фотографиите што минуваат
ги слушам мислите што навираат
ги слушам мислите исмислени за луѓето
да се потсетат на себеси
да почувствуваат доколку можат
да закачат крилја и да полетаат
назад каде што умреле
пред болките и јадот
пред стравот

Минувам низ нив
минувам јас како сведок
на делото
на болката и стравот
сега
наспрема живоста
и смелоста кога бев
дете
закачен на шипката
за теписи
со нозете горе
јас доле летав

Сега се плашам од помислата.

Толку го запознав животот,
ми стана презначаен?
Или ја изгубив вербата
во неговата благословеност?
Се плашам ли дека нема
повторно да го добијам?
И љубовта,
радоста,
топлината,
домот
ќе бидат само момент
во вечен студ?

Мисли со желба
мисли со верба
требаат
Крилја
 


Friday, January 31, 2014

Несожалувачка

***
Не сум од оние среќници
што се полнат со празнотиите
што го оставаат зад себе
од оние сум што почнуваат со негација
можеби затоа што сум се заборавил на југ
кога заминав
од оние сум што прашуваат со негација
кога очекуваат да добијат за одговор да

Не сум од оние среќници
можеби бев но ете сега сум негација
и не можам да ги искажам
вкоренетите чувства
што вриштат за слобода
правда и потреба
нивното присуство и постоење
без борба да го потврдам

"Сакам да започнам
наместо да се помирам
сакам да искажам
наместо да замолкнам

Сакам да обојам
наместо пеплосам"

Но не сум од оние среќници
што ги пратат наоколу
не сум од оние трепкави светулки
што виреат околу езерца

 ***