Tuesday, October 25, 2016

Тела и нивните делови



Коленото со модрица и бутот со гребаница секаде одат во пар. Во градот тие се толку познати што дури и осамениот г-дин И. ги познава. Коленото со модрица ја врти левата педала, бутот со гребаница десната и така тие секаде стигнуваат заедно.

Господинот И. пак за разлика од нив секаде оди сам. Нема пријатели и сеуште не го разбира поимот познаници доволно. Често седнува на клупа во паркот на среќата. Понекогаш има навика и да доцни од непознати причини.

Во паркот се наоѓаат тој, коленото со модрица, бутот си гребаница, заспаниот пијаница под младата смрека и загубениот хипик. Заспаниот пијаница се буди и бавно му пристапува на хипикот барајќи запалка за цигарата што ја најде закопана под смреката. Хипикот нервозно станува од клупата, извикува неколку пцовки кои личат како да се наменети против него и го напушта паркот удирајќи се одвреме навреме по главата. Пијаницата рамнодушно прочепкува по задните џебови од своите пантолони и наоѓа запалка. Кутриот наместо цигарата се самозапалува себеси и со смирен чекор се приближува до фонтаната од каде што пие вода и постепено го напушта паркот клацкајќи се.
Во паркот на среќата И. е сведок на секојдневието. Сличното ако не и истото се повторува речиси секој ден. Така коленото и бутот се исправуваат и двете заедно почнуваат да ги вртат педалите.

Г-динот И. доаѓа во својот дом, ги навлекува пижамите и заспива токму пред да легне во креветот. Сонува мртовец кој што лежи испружен на маслинест сомотен кауч и го повикува И. да му се придружи во одморот. Мртовецот упорно го убедува дека нема седа коса иако тоа е јасно воочливо.
По некое време И. се буди од сонот и се наоѓа себеси легнат на грб во креветот. Забележува дека додека спиел двата екстремитети за чекорење го напуштиле заедно со сите парови чевли во куќата. Тој влечкајќи се со рацете излегува од домот и стигнува на работа каде што поминува осум часа и четириесет и три минути. Никој не го прашува за нозете.

Во среќниот парк повторно се случува секојдневието. Како во агли на ромб наредени на клупите седат И., хипикот, пијаницата и коленото со модрица и бутот со гребаница. И. со рацете пристигнува до клупата каде што се наоѓаат познатите колено и бут и мирно застанува. Во меѓувреме хипикот и пијаницата си ги чепкаат завоите, едниот му ги покажува отоците на главата, другиот изгорениците на вратот.
И. посегнува по коленото, па по бутот и истите ги прицврстува за своето тело.
Се исправува. Коленото и бутот за првпат ја чувстуваат земјината тежа. Истите се допираат меѓусебно со помош на телото на И.. Сега сите се едно.

Коленото со модрица и бутот со гребаница и натаму ги вртат педалите, но сега со новиот телесен додаток никој не ги препознава. И. не е повеќе осамен, а бидејќи е воден од новите екстремитети повеќе не оди на работа. Паркот на среќата е преполовен, таму одат само пијаницата и хипикот. Секојдневието е променето, но сега времето повеќе нема значење бидејќи екстремитетите за чекорење кои што го напуштија И. сега секаде стигнуваат навреме.


Monday, October 10, 2016

Ништо

По јајцето среќата се познава
сите сме палци
некогаш сме нажалост
а некогаш ни оди на комар

Пост адолесценцијата
свесноста се познава
сите сме `ртки
сите сме осамени во приватен автобус

На кожа лесно се појавуваат дамки
но лесно и' исчезнуваат
по дебелината метаболизмот се познава
не по храната

Луѓето си разговараат
но никогаш не разменуваат
атомска енергија

во животот кој е непосреден
сечија помош е бесценета
по тревата каменот се познава
исто како по појачалото гитарата

Пост сонот
мечтата се јавува
сите сме таму
сите сме во страв
сите сме шанса на некому

Од сите објекти
цицките вечно ги помнам
по нив ликот се познава
оној на твојот светец

сепак се' се менува
а вистината е забранета

сесе менува
ништо не било