Friday, October 31, 2014

Се што се прашувам

Насмевка, дали е вистинска
смрт, дали е вистинска

со ќебе си ја покривам
осаменоста,
со тага си ја бојам
заводливоста

правењето ништо
за телото е слобода

љубов, дали е вистинска
ми недостасува


Tuesday, October 28, 2014

Нож и виљушка

Нож и виљушка
нежно отсекуваат
парче месо.

Каснувам и мислам
на црн Бог и жито.
Голтнувам и замислувам
виулица и небо сино.

Нож и виљушка
внимателно отсекуваат
парче месо.

Суво, без крв;
Чисти дланки – мирна душа.


Friday, October 24, 2014

Небо и ѕвер

Две лица
незадоволни
од својот творец
се кријат едно
од друго и
не го признаваат
постоењето на
другиот.
Две лица
не сносуваат
одговорност спрема
својот носител
и никогаш
не го пратат
неговиот страв
и желба за
запознавање.
Две лица
свртени со тилот
си ги крадат
заемно мислите
и секогаш
говорат нешто
погрешно
посебно.



Tuesday, October 14, 2014

Неудобна

Во едно станче
спроти пазарче
сонив сон лош
плашејќи се
да спијам
од смрт
без болест
од темнина
небиднина

Во едно станче
со кујниче
беше ти
до мене
заспана
ми помогна
ко блуз на
уличар
ко река на
воденичар

Ти си
тоа што
јас како проклет
никогаш нема
да постанам.
разбудена.


Thursday, October 2, 2014

Согорување

Ти зајачуваат треперењата
од стравот кон посакуваниот
и си мислиш чувствата сами
по себе се. Недостижноста на
љубовта ги мумифицира сите
твои копнежи во мртва надеж
и неумешна наивност.
Твојата болка е привлечна
твојот страв благороден
а твојот оган стихиски.
Со него ќе го растопиш стравот
и сите чувства ќе бидат само
обични мускулни контракции.