Sunday, August 31, 2014

Кратка порака

Разликата меѓу проекција
и вистинското случување
е подеднакво иста инсинуација
хаотичност што ја наоѓаш
еротски потентна.
И не треба одговор
скован од вербализам
само поглед што искри.


Wednesday, August 27, 2014

Посакувано проклетство

Понекогаш се плашам
од преголема количина инспирација накратко.
Знаете тоа е како да и подавате рака на старица
на сите семафори додека да стигнете некаде.

Не сум толку фин простете
додуша и ретко кога сум толку надразнет
со идеи што вредат да постанат нешто повеќе
од издувана прашина зборови.

И каква било синергија меѓу мене и вокалот
што треба да ги расее е ништожна.
Едноставно не се согласуваме, ниту почитуваме
само се разминуваме со по некој одблесок омраза
од некоја не толку случајна чаша аперитив.

А многу посакувам да беше подобро и поинаку
да бев некој обожован лик од филм ноар.
За тоа го колнам Ѓаволот и сите негови слуги
а Бог го чекам да престане да биде толку пеколно досаден
па тогаш може и да позборуваме за најновите научни откритија
и како истите се имплементираат на белото платно.

О Боже О Сатано
понекогаш само сакам да воздивнам со Вашето име
и верувајте дека тоа не е напразно.
Спомнувајќи Ве доживувам катарза.
И кога молчам в тишина
и кога врискам како животно.
Благодарам за енергијата и вечните кружници
што ги исцртуваат моите клетки се за Вас.

Како што реков
се плашам кога ќе ме нападне проклетата инспирација.
Тоа автоматски ве напаѓа и вас со вжештени сабји слогови.
А вие сте фини, образовани, културни и продуховени
совршени за да престанете да мислите
уште помалку да читате,
а најмалку да прокрварите.
Доволно е да слушате.



Мелодраматични подморници

Мелодраматични подморници
вршат нанометарски прошетки низ моите вени
се прашувам имаат ли постава
или се само празни направи што собираат
кристали и полудрагоцени остатоци
од алкохол, отров и адреналин

ликвидни вибрации имаат смисла
изразени само преку
проста математичка хармонска низа
празни подморници имаат смисла
само во твоите водени очи
закотвени без сидра

по една мелодраматична приказна
оставена во секоја пловечка направа
идеите наликуваат се повеќе
на капки крв во летачка подморница
барајќи кислород и слобода
во нечии белодробни крила

ликвидни вибрации имаат смисла
изразени само преку
проста математичка хармонска низа
празни подморници имаат смисла
само во твоите водени очи
закотвени без сидра

бучава и тишина подморницата ги спојува во едно
истата празнина ја чувствува секоја машина
вдишуваш,издишуваш - погон што ги придвижува
посакувам да сум таму како звук - единствен екипаж
преку дел од некоја пора да се допрам и преминам
во внатрешноста на некоја друга месеста машина




Sunday, August 24, 2014

Психосоматска белешка

Моите песни се храна
која се приготвува со денови.
Денови на варење недоживеани моменти.
Кога приготвувањето завршува
истото соодветно се конзумира.
Моменти на дегустација на изживеани денови.

Понекогаш пак се кратки и едноставни
исечоци материјална реалност.
Тогаш се серат.


Saturday, August 9, 2014

Како го разбирам мојот свет

Возејќи се низ лифт гладен како по обичај, реализирав дека го пронајдов вистинскиот рецепт
по кој што треба да се водам кога пишувам. Всушност се навратив наназад , во детството, кога се родија меѓу првите песни на мојата невиност. Една од нив беше творба за јунакот Гоце, оној Делчев големиот.
Ја пишав сам, скриен во тишина. Татко ми некако ја пронајде, ја прочита и никогаш не ми поверува дека не сум ја препишал. А тоа не беше школска задача, туку плод на чиста љубов и восхит што ја имав кон јунакот.
Деновиве се пронаоѓам во минатото. Тогаш пишував и се чувствував дека правам нешто големо, нешто важно и тајно во исто време. И деновиве пишувам, рецептот е напамет научен и совладан, се е речиси исто, се освен последното.
Се мислам дали да го премолчам или не. Се мислам дали доколку го премолчам ќе дознаете, ќе почувствувате, иако не е исто, дека сепак се надевам? Мислам, се надевам на тоа дека е важно и големо, доколку не ме разбирате или интуицијата ви зарѓала.


Friday, August 8, 2014

Наместо исповед

Велат дека треба да бидеш човек
богат со мисли и зборови кои патуваат
по сите меридијани и перници
барајќи убавина,

велат дека треба да имаш дарба
да ги прибереш луѓето околу тебе
твојата поетска аура да постане харизма
со која ќе ги освоиш засекогаш,

велат дека има луѓе што разбираат
дека знаат што сакаат да кажат и покажат,
но тоа што го велат јас не го умеам.

Одбивам да бидам таков заводник
чисто од инает кон мојата неспособност
чисто од љубомора кон другите
перфектно сум искрен и искрено осуден,

мене не ме бидува во бидувањето
соломонски мудрец кога пишувам
не ме бидува да бидам пустински лисец
кога чекорам,

не ме бидува ни да бидам обичен работник
без да претерам со есенцијата
од моето антипатично патење.

Повторувам, не ме бидува да се излечам
од болестите кои ги оставам на хартија
пишуванките се само проѕирни и
празни епрувети духовитост,

но ме бидува да бледеам и заминувам
од неспособноста во која сум се впуштил
да ја барам среќата.

Го оставам тоа на другите
умешните од се да направат занает,
занаетчија не сум
само обичен простак
и како таков ќе се однесувам.

Сделано на 07.08.2014, 02:20
прегладнет како и сега.