Sunday, April 27, 2014

Љубовна поема за секоја и ниедна

Љубовна поема за секоја и ниедна
е поема за љубовта кон жена
кон онаа секојдневна
што ја гледам
што ја допирам
што ја мирисам
што се борам да ја освојам
кон онаа невистинита
што ја сонувам
што ја замислувам
што ја плачам
што се борам да не ја изгубам

Љубовна поема 
знаеш романтична
не знам да запишам
во ова мое двориште
преполно со лудост

Љубовна поема
не можам да посветам
на една жена
таа мора да е вистинска
всушност лажна

Љубовна поема за секоја и ниедна
е поема за филозофијата на љубовта
луѓето бездруго секогаш бегаат
од своето за сметка на општото
кога се во прашање чувствата

Љубовна поема за секоја и ниедна
е слика на иднината што ја гледам пред мене
и таа нема почеток со љубовна поема во стихот

Иднината е блиска
колку што минатото е далеку
жената што ја сакам
не е единствена ниту била
затоа сакам да запишам
ова е љубовна поема за секоја и ниедна
затоа што јас страдам
кога секоја и ниедна не љубам.



********************************************
 


Friday, April 25, 2014

Крвава црта на безполезноста

Пресретнав необичен џин преку погледот низ пластичниот прозорец. Заматеното небо всушност била неговата присутност. Чај од кантарион? - прашав. Чај од кантарион – одговори џинот. Се напив три полни шолји па продолжив да крварам како единствена можност за исфрлање на штетни отпадоци од мене. Се разведри.


Monday, April 14, 2014

Обични соништа


Јас сум патот што води навнатре. Накратко ќе ви раскажам.
Сонував сон за момче што сонувало неколку сонови спирално испреплетени. Извртени во форма, но нажалост никогаш не стигнал да ја запише нивната содржина. Нејсе, сонот за него може  да се прескокне.
Сонував сон со една девојка веќе по втор пат месецов. Девојка која ја имам видено само неколку пати и тоа не на далечина помала од метар, до два. За разменување збор не може ни да стане збор. Се ми се чини дека соништава  што ги зачнав се случија во една ноќ додека боледував поради жешкиот асфалт свежо расфрлен на мене.
Во сонот ја пресретнав на една раскрсница со расипани семафори и високи тротоари. Ја запрев и прашав каде тргнала и дали можам да и се придружам. Така одеднаш и несмасно. Првиот впечаток што ми го остави беше дека не се наоѓа во најдобро расположение и истото тоа се преточи во однесувањето што го имаше со мене, не многу затегната од тоа што и се придружив. Можеби бев само неучтиво упадлив.
Бавно чекоревме и бавно разговаравме. Ми сподели дека оди на забава на некој си закотвен брод што беше на отприлика 20 минути пеш од каде што се сретнавме. Надвор од сижето на сонот, веројатно е дека никогаш немаше ни да го сонувам доколку не чувстував симпатии и страсти спрема неа, а истите тие беа прилично изразени и во самиот сон.
Не се сеќавам точно на кој начин ја убедив да не одиме на бродот, па по некакви неразјаснети околности залутавме низ влезовите на една зграда со искривени влезови. Оние згради, деца на социјализмот, сиви, груби, меланхолични. Стоевме замрзнати, се гледав низ погледот на набљудувач на сонот, бевме дел од неговиот кадар.  Тишина и грмотевити емоции истовремено , храбри допири и бакнеж, капка скриена солза и  секунда потребна за сознание дека е под отровот на љубовта. Не моја.
Застанавме во една маалска продавница да пиеме пиво. Тоа и се допадна, научив дека е човек кој почитува маалски традиции, гајби пиво и џаболебарски муабети. Ми се допадна и мене.
Оттука натаму се беше во некој вид на опаѓачка возбуда. Јас истиот како и во јавето, пиев и ги анимирав луѓето наоколу за таа да остане подолго, барем да пие со мене. Како по правило на самозаседа секогаш правејќи ја истата грешка во моментот кога треба да го подарам мојот фокус на некого, продолжив комуникацијата да ја ширам хоризонтално. Меѓу луѓето, од страв и театралност.
Не сакам повеќе да раскажувам, ќе прекратам. Тоа утро кога се разбудив се исцедив целосно од сите течности што ги имам во телото. Се сетив на неа и на сонот. Се сетив каде можам да ја видам. Треба само да отидам, со ризик што телото ми го побудува, да бидам сам и неприметлив и да ја погледнам. Барем од метро или два.



Sunday, April 6, 2014

Шрог

Многу нешта испуштив во мучникот
затоа што не беа ти

Сега ги собирам истите што станале само ронки
и фрлам плод врз тоа суштество без живот


Tuesday, April 1, 2014

Сонета за сладострасноста

Во ова бетонско гратче
сакам да чекорам
со сладострасност
за твојата осаменост

Чаша вода се напивам
да го пополнам просторот
што го сторил јадежот
да не горчам толку

Во ова бетонско гратче
сакам да се сретнеме
без потреба од други

само мојата сладострасност
твојата осаменост
темнината и молкот