Friday, November 11, 2016

не се пишува кога се оди на работа

се будев во креветот
кога се сетив на неа.
со подотворено око ја замислив
па пропаднав во сон без неа до заборав.

ги вртев педалите
покрај моќната надојдена вода
на која и се восхитував.
на малиот водопад кај железничиот мост.
магловито ноемвриско утро
втор пат се сетив на неа.

не се пишува кога одиш на работа
немаш време
иако си жеден и сув

помислив на пижамите
дека би ги сакал бели со сини точки
како оние на фустаните од Mерилин Mонро.
но тоа не е мисла за маж и тука прекинав.
научив разлика меѓу род и пол
тоа не е мисла на маж.

чекав на семафор
кога пак се сетив на неа
на таа не машка мисла.
дознав и дека Леон преминал
тогаш кога ммкаше и играше
на песна во твојата глава.
танцувај ме до крајот на љубовта
- таа рече ја пееш.
каква случајност да се сетиш на него
кога умира. и ќе верував во метафизика
да не дознаев дека починал три дена
претходно, а ова сега е само вест.

не се пишува кога се оди на работа
кога се оди на работи
иако си жеден и сув

Saturday, November 5, 2016

Проповед

во својата себе хипноза
да те сонувам
во својата проповед
да те спомнувам
во својата инспирација
да те добијам

да се створи слика
во која се качувам
да се створи слика во слика

во својата себе хипноза
да те сонувам
во својата приказна
да те раскажам
во својата инспирација
да те понудам

да се створи слика
во која се качуваш
да се створи слика над слика

во својата себе хипноза
да те сонувам
во својата теорема
да те докажам
во својата инспирација
да те изгорам

да се створи слика
во која се каменуваш
да се створи слика под слика

да те има во неа
со мојата рака да пишуваш

-




Tuesday, October 25, 2016

Тела и нивните делови



Коленото со модрица и бутот со гребаница секаде одат во пар. Во градот тие се толку познати што дури и осамениот г-дин И. ги познава. Коленото со модрица ја врти левата педала, бутот со гребаница десната и така тие секаде стигнуваат заедно.

Господинот И. пак за разлика од нив секаде оди сам. Нема пријатели и сеуште не го разбира поимот познаници доволно. Често седнува на клупа во паркот на среќата. Понекогаш има навика и да доцни од непознати причини.

Во паркот се наоѓаат тој, коленото со модрица, бутот си гребаница, заспаниот пијаница под младата смрека и загубениот хипик. Заспаниот пијаница се буди и бавно му пристапува на хипикот барајќи запалка за цигарата што ја најде закопана под смреката. Хипикот нервозно станува од клупата, извикува неколку пцовки кои личат како да се наменети против него и го напушта паркот удирајќи се одвреме навреме по главата. Пијаницата рамнодушно прочепкува по задните џебови од своите пантолони и наоѓа запалка. Кутриот наместо цигарата се самозапалува себеси и со смирен чекор се приближува до фонтаната од каде што пие вода и постепено го напушта паркот клацкајќи се.
Во паркот на среќата И. е сведок на секојдневието. Сличното ако не и истото се повторува речиси секој ден. Така коленото и бутот се исправуваат и двете заедно почнуваат да ги вртат педалите.

Г-динот И. доаѓа во својот дом, ги навлекува пижамите и заспива токму пред да легне во креветот. Сонува мртовец кој што лежи испружен на маслинест сомотен кауч и го повикува И. да му се придружи во одморот. Мртовецот упорно го убедува дека нема седа коса иако тоа е јасно воочливо.
По некое време И. се буди од сонот и се наоѓа себеси легнат на грб во креветот. Забележува дека додека спиел двата екстремитети за чекорење го напуштиле заедно со сите парови чевли во куќата. Тој влечкајќи се со рацете излегува од домот и стигнува на работа каде што поминува осум часа и четириесет и три минути. Никој не го прашува за нозете.

Во среќниот парк повторно се случува секојдневието. Како во агли на ромб наредени на клупите седат И., хипикот, пијаницата и коленото со модрица и бутот со гребаница. И. со рацете пристигнува до клупата каде што се наоѓаат познатите колено и бут и мирно застанува. Во меѓувреме хипикот и пијаницата си ги чепкаат завоите, едниот му ги покажува отоците на главата, другиот изгорениците на вратот.
И. посегнува по коленото, па по бутот и истите ги прицврстува за своето тело.
Се исправува. Коленото и бутот за првпат ја чувстуваат земјината тежа. Истите се допираат меѓусебно со помош на телото на И.. Сега сите се едно.

Коленото со модрица и бутот со гребаница и натаму ги вртат педалите, но сега со новиот телесен додаток никој не ги препознава. И. не е повеќе осамен, а бидејќи е воден од новите екстремитети повеќе не оди на работа. Паркот на среќата е преполовен, таму одат само пијаницата и хипикот. Секојдневието е променето, но сега времето повеќе нема значење бидејќи екстремитетите за чекорење кои што го напуштија И. сега секаде стигнуваат навреме.


Monday, October 10, 2016

Ништо

По јајцето среќата се познава
сите сме палци
некогаш сме нажалост
а некогаш ни оди на комар

Пост адолесценцијата
свесноста се познава
сите сме `ртки
сите сме осамени во приватен автобус

На кожа лесно се појавуваат дамки
но лесно и' исчезнуваат
по дебелината метаболизмот се познава
не по храната

Луѓето си разговараат
но никогаш не разменуваат
атомска енергија

во животот кој е непосреден
сечија помош е бесценета
по тревата каменот се познава
исто како по појачалото гитарата

Пост сонот
мечтата се јавува
сите сме таму
сите сме во страв
сите сме шанса на некому

Од сите објекти
цицките вечно ги помнам
по нив ликот се познава
оној на твојот светец

сепак се' се менува
а вистината е забранета

сесе менува
ништо не било


Friday, September 16, 2016

Бакнеж наместо татнеж

не сум до тебе
не сум меѓу твоите
неколку спратови погоре
меѓу ѕидовите сум
оние во кои што сите
наеднаш изградија сомнеж
ги потворувам часовите
за закосени линии што ги преспав
сега со несоница и страв
имам татнеж наместо бакнеж

не сум до себе
не сум меѓу моите
неколку четврти подолу
на улица кај кафаните сум
оние што беа место на учените
надохнадувам за нив
боцкајќи кебап потпивнувајќи пиво
за детството чаршијата
сега без апетит и со мрзлив залак
имам татнеж наместо бакнеж





Thursday, September 15, 2016

заеба

Долго чекаше
пред да знаеш како
но сега веќе почна
не е важно
реши да посетиш
доктор по суштина

долго чекаше
иако не постои ред
за единствениот
што има потреба од тоа
- ти самиот; нејсе

можеби ќе ти препише љубов
можеби кариера
апчиња за амбиција
за личен и деловен успех

можеби ќе ти рече дека
ти е фаза низ која минуваш
можеби треба нешто да споделиш
со пријателите

долго чекаше

доволно ли долго
за да научиш што е слобода?

Не е важно
можеби треба да јадеш
или купи си нешто – почасти се

можеби ти треба самодоверба
да се снајдеш на теренот
каде што се натпреваруваш

сигурно сите мислат дека допреле
до тебе но тоа сигурно не е така
можеби треба тоа да го покажеш

можеби ти си доктор на некому друг
а не ни знаеш колку ти е ужасен ракописот

секогаш можеш да се пошегуваш за суштината
да ја заобиколиш
да ја заебеш
и ти да се ебнеш

долго чекаше
од чекање се постанува
некој друг
или не знаеше

можеби детските сликовници
се најчистото нешто на светот
можеби цел ден си на работа
затоа што ја избегнуваш жена ти

суштината е бесконечна

но долго чекаше и заеба
a само сакаше да пишеш песна за зеленчуци.
простете


Thursday, September 1, 2016

човек - носталгичар

Еден човек патува
на вселенски жилет
се подалеку од ѕвездата
што изгрева на неговата
планета матична

темната материја
ја сече без возачка дозвола
но сепак не запира
на сигналите од локалната
патролна полиција

еден човек патува
се подалеку од навиката
на неговата природна
гравитација

залута, залута
темната енергија
околу него се завива

но тој е само обичен
човек - колач
тој е обичен историчар
измамник
пивопијец
космичка прашлива материја

но кометите го почитуваат
достојно се разминува
климајќи им како отпоздрав

тој е човек патувач
носталгичар кон светлината
што заминала од неговата
планета матична

еден човек патувач
на вселенски жилет
вистински бакнувач
сонувач дека ќе ја надмине
светлината
во нејзината космичка брзина
и ќе ја врати на Земјата.




Monday, July 18, 2016

Полу-нем

На замислен лист хартија
се најдов во друштво
на имагинарна тишина и жена
незадоволна од својата вокална изведба
па се прашувам што чекам
што се заробувам
ме замолија да запишам
седум бројки за лото
а јас еве уште полу-нем.


Thursday, June 30, 2016

Атомичност

На полноќ сум глаголно моќен
но сепак сум само збор
оставен во коцка рубикова

би тркнал до атомот
но сте ги виделе ли нивните допири?
Тоа се само сили на одвраќање
нештата така се љубат кога се коцки

тие цврсти структури
наспрема тие течности

на полноќ сум воден
но сепак сум само збор
преголем и заглавен в грло

би тркнал до желудникот
или би се исплукал надвор
но не е лесно кога си збор оставен во коцка
ниту знаеш да голтнеш
ниту па да исплукуваш

Навистина, не е лесно со тоа тежина
но се научува по нешто за гравитацијата.
Ситно но сепак доволно
за барем кон атомот да изградиш
некаква симпатија


Monday, March 7, 2016

Грешни ѓаволи

Припаднав во некоја нова сфера на постоење
па се` од таму се топи, 
јас гласник и попат учам малку од занаетот.
Како под черепот да имам тенка сомотна навлака.
Заумен сум.
А ние луѓето?
Ние луѓето сме
ние животните.
Без љубов сакати
без воља замрени.
Па лажно се париме наваму-натаму
ко грешници.
Ние грешни ѓаволи.


Tuesday, February 16, 2016

Песни

Пишувам по една дневно, месечно, тромесечно.
Пишувам по 2,3 на саат.
Пишувам од љубов
а и од нељубов
ако има такви  
можеби.
Читам ретко
многу ретко
чисто сетилно
освен оние долетаните
во интуитивниот сандак.
Tоа сакам како нив
така да пејам
фреквенцијата е битна
само за сетилата.


Monday, February 15, 2016

Повторливост

Циклусот летачки суштества
со благодатни раце испружени
кон мене како да заврши.
Се чувствувам човек како никогаш досега.
Впрочем тој како да завршил одамна
но не ми гледа лесно да се биде реален и во јавето.
Сега сум сигурен во тоа што сум. 
Целум, а невидено. 
Изненадувачки, но живо.
Дури глаголски, 
мислам, посакувам и побарувам 
толку човечки, блиски, вредни состојби и материи.
Без привид за следниот циклус
со јасна способност за избор.
И зборот и делото.
И се' што ковам како да било
како јас само да ќе го повторувам.


Sunday, January 17, 2016

молекула

пасишта на интелигенцијата
плодни пластови
растресени очи од третиот тип
насекаде
лутаат без компас

празни места измеѓу
разголени цицки
сапиосексуализам и по некој
заостанат примат
со белковини во гаќите

прекрасни фабрики

а неработните недели - залудни
доколку не се изживеат на некое
осамено космичко тело