Sunday, September 13, 2015

Љубопад

Ја наоѓам љубовта во водите.
Ги наоѓам водите во љубовта.
Текот те насочува долу. А како
поинаку човек се вивнува нагоре
доколку не зарти токму долу?

Ја наоѓам љубовта во водите.
Ги наоѓам нејзините патишта
и излези низ различни делови
од телото. A како таа созрева
и како таа проникнува доколку
извира само од едно место?

Љубовта мора ѝ да засолзи.



Friday, July 31, 2015

Мермер и бетон

Оска на љубов
на која сум див и пргав
не носам прашина
во моите гради
не носам вода
во моите очи
не носам планина
на мојот грб
оска на љубов
на која сум слободен
надолж неа и нејзините полови
можеби затоа сум
и трн и цвеќе
и мирис и заборав
и светлина и завеса
и сѐ уште припаѓам
секому
и на мермерот и на бетонот
под мене 
и им се обраќам како на познат
и тие спознаваат
колку се чувствувам збигоросан
и ме прегрнуваат
со нивните оски на љубовта
што облажуваат
и ме водат онаму каде што 
јас сакам единствено да припаѓам


Wednesday, June 24, 2015

Таа те јавнува пред да се појави сонот

Додека сум паднат
и е целосно неважно
моето постоење
ниту горе, ниту доле
таа опседнува, повикува
говори преку внатрешна
тишина погласна од сите
гласови и технологии
со тресот да потклекнам
и да и се потчинам.

Ја чувстувувам нејзината
воља, таа е дел задоволство.
Јас сакам мртовци.
Тие се нејзини и тие се
живи. Тие се покриени
со нејзината сенка
a јас сум понуден со
нејзиното оружје.

Секогаш. Во сон
во будење, во пад
во кратка дневна
хипноза, таа е тука.
Јас сакам мртовци поради
неа. Тие се покриени
со нејзината сенка
a јас сум понуден со
нејзиното оружје.

Чекаш и исчезнуваш
таа те јавнува пред да се појави сонот.
Упатството за употреба вели:
со неа ќе завршам
меѓу моите љубени.




Friday, May 29, 2015

Патување

Вселенскиот брод е прилично висок
и во него се наоѓаме јас, ти и дузина други
познати, што пак ги немаме вистински
запознато. Не сме сигурни дали сме полетале
дали чекаме да полетаме или сме на пат
да се спуштиме на површината на земјата.
Неговото височество не очекува
и сите сме сигурни во тоа како изгледа и на кое
учење му припаѓа. А никогаш не сме се
сретнале со него или со неговото учење.
Можеби тој или таа е само заеднички лик
што го знаеме, сонуваме и се надеваме
дека од него ќе биде прифатено се'
и нашите тела приложени на овој брод
никогаш нема да осамнат додека се обидуваме
да ја доловиме неговата вистинската состојба
или пак неговата насока на движење
или мирување. Вселенскиот брод е висок. 
И непознатото повеќе не носи страв
нешто како научено патување.


Wednesday, May 27, 2015

Среќна песна

Среќна песна
таква сум решил да пишувам
и еве ја чкрапам и замислувам
и чувствувам како сум ослободил
огромни лубеници од под пазувите
што паѓаат и се распрснуваат
токму насред улицата
токму насред дневната белина
а тоа ме прави невообичаено среќен
баш како добра пијачка по пијачка
како тажно заводлива песна
која ми вели третирај ја добро
нели само со неа сакаш
да пишуваш среќна песна
баш сега и баш за ништо посебно.




Tuesday, May 5, 2015

Мисли на грам и секунда

сум бил на места каде има
човекови огништа
втемелени внатре
во приказни и времиња
каде огледала исцртуваат
пролетни дождови
и кантарите мерат мисли
на грам и секунда

немам своја молитва
ниту муза ниту божица
во светот на ѕвездите
ми измислиле терезија
за да се изродам мудар

но мислите ми се претешки
за да спијат во тишина
тие се од камени зборови
волнени сводови
црни пси и јалови поседи

мислите ми се прегусти
за да се нурнат во длабоко
тие се од маслени бои
нејасни гласови
глинени јадици и риби самици

сум се чул себеси кога зборувам
песните сепак ми се прекратки
за да се сфатат себеси
велат од нешто што некогаш ќе остане
но мислите се тие што
први се забораваат самите

и немам пусул за тоа или ова
ниту амбиција ниту идеја
во светот на хомо сапиенс
верувам само во атот
што го јавам в раце со стрела

сум се видел себеси кога полетувам
песните сепак ми се прелесни
за да ги продавам со цена вредна
тие се лаги што собираат тегли
полни со испуштени здивови
од подарени орални аплаузи

од места каде што има
човекови огништа
втемелени внатре
во приказни и времиња
каде огледала исцртуваат
пролетни изгрејсонца
и кантарите мерат мисли
по обично
на грам и секунда



Friday, April 24, 2015

Сонови I и II

I

те сонувам во туѓ град
на нови улици со познати места
што ги бараме заедно
како стари улични љубовници

ти во некое друго тело
со туѓо лице и велиш
името ти е друго
твоите те прекрстиле

а те познавам
друга си, но и иста си
и го чекаш истиот број на автобус.

II

во овој мој град
доаѓаш со главата
прикачена на змиски врат
таму паднат сум и послан
помеѓу стотици тела
покриени во сивило
и чувствувам дека се сонувам

низ тој миг
каде болката и разочарувањето
изгледаат слаби и неважни

низ тоа чекање
каде трпението е страдање
наместо спас и благослов

низ тие меса
каде што нема ни љубов
ни вистинско ебење

низ тие изроди
што даваат и земаат
само тоа што е потребно
да не се промени ништо
па ниту илузијата
дека се живи без спокој
дека се нешто без друг

во овој исонуван град
повторно ти си нешто
што го љубам и мразам
што го имам и немам
како нешто што редовно
го практикувам врз себеси
како сетилата на сонот
кои воопшто не се мои
физички израстоци.

Wednesday, April 15, 2015

Лажно прашање

понекогаш се гадам
мислејќи дека пишувам лаги
откриени малку подоцна
откако сум ја забодел
мојата вистина во стиховите
што се струполиле за тебе

тогаш
што е реално
моралот што ме згадува
или зборот што ме возвишува?

* * * *
бонус



Wednesday, March 25, 2015

Компромисна разделба

До сите оние што не се сигурни
јас го напуштив детето
и тоа момче ме напушти мене

Но зошто би се грижел?
Смирен сум и задоволен
момчето ме остави без многу нешта

До сите оние што не се сигурни
или барем не се чувствуваат така
има многу начини да се помине денот

како на пример во содома
или во прошетка или во нешто слично.

Мене ми е добро и кога сум уморен
го напуштив детето но сепак
и капнат насмеан чекорам по улица

и не гледам на далеку. Важни ми се само
работите што ми се пред нос.


Wednesday, March 11, 2015

Се пречекувам кај тебе во пролет

Седиме на клупа
ти си од таму
јас сум од тука
можеш ли да бидеш погрешна
кога со тебе имам слобода

Улицата чекори
имам сила
љубовта е мокра
пливаш во неа

Времето не е праволиниско
ниту брановите ме ронат
сите имаат надеж
сите имаат страв
па што
ти си таа јас сум тој

Се чекаме на клупа
времето не е воопшто нормално
пристигнува од иднината
ти си таму
јас сум тука
може ли да биде погрешна
нашата приказна
кога ти го уредуваш просторот
а јас се ѕидам во твојата судбина


Tuesday, March 10, 2015

Квадрант од себе

гојам негативна енергија
и станувам совршен архетип
на амбициозно глупав ум

брутално сум задоволен

несвесно се понесувам
и закрпувам идни болки
на арната сегашност

брутално сум непредвидлив

во ум
во тело
во ум
во тело

имам растресен стих од мир и спокој
имам вознишен стих од пала и љубов

сепак гојам негативна енергија
се поправам крпам и набивам

брутално сум кревок

освен кога заминувам
од ум
од тело


Monday, March 9, 2015

Нерв

Интуиција
мислам
чувствувам
припадник сум на човековиот род
пишувам
бесполезен сум
но и важен
како игри
зошто постојат?
како овие зборови
зошто постојат?
нови искованици
а стари со илјадници
години

прашина јадам
од ѕвездената трпеза
и помислувам на
висцералниот нервен систем

песнава од таму се испиша
ме возбуди



Tuesday, February 24, 2015

Ноќта просветлува

Се врткам барам
место, хартија или меморија
или направа
да запишам
се испровоцирав себеси
послем неколку пива
решив најдобро е
да се карам со себе
да противречам

наместо дремка
денот така го привршувам
со матни мисли
тензија заради адреналин
и чувства во гасовита агрегатна состојба

но никогаш не се грижам пред спиење

утрата ги ловам бездруго
неколку часа подоцна
и им се поклонувам
со ладна вода врз лицето
и неколку сончеви поздрави

се ми се чини дека
само на своето паѓам
а она туѓото го користам
да си ја споредам
својата грешност

а има нешта
безимени сега а некогаш со моето име
кои ме допираат директно
и тоа не само во она горното
умот мој
туку и тука
на средина
на сред оваа пумпа во пустина со коски

има нешта кои ја подигаат рачката
точат крв
и со секое литро гориво
што ќе го исцрпат
го продолжуваат животот и љубовта

моите и вашите

и ако не тука
тогаш сигурно на некое друго
подобро место
со подобро јас
и подобро вие.



Tuesday, February 17, 2015

Мирис меѓу редови

Имам патничка карта
од твоите погледи и џарења
за вжарената линија
надолу кон таа темнина

Имам безбројни ѕеркала
имам безбројни дини градина

Имам риба и имам птица бесмртна

Имам магична напивка
што конечно се докажа
дека е само напивка

Имам мистичен цвет

Имам богови и ѓаволи
светци од различни секти
имам верба и стравови

Имам раце и имам срж бесмртна

Имам патничка карта
за твоите ѕвезди и месеци
имам ѓумбир и мед

Имам јазик усни семе
имам безбројни реки што ми ги подаде


Tuesday, February 3, 2015

Ноќни временски единици

Ноќните часови се
во најмала рака чудни.
Будат чудни потреби
нудат чудни сонови.

Ноќните часови се присетуваат
на стари моменти.
На желби, на мечти.
Повторливи работи.

Истапкани минути кога сакаш
да разговараш со мене,
истпакана цигара,
заспивање на кауч.

Ноќните часови се денот.
Оној што го гледаш
од внатрешноста
на заспаното сонце.

Времето е твое.


Saturday, January 31, 2015

Не сум сум

поет сум
или борец да се изразам
со бела филозофија без ука
филозофија од повод и од камен
од учените сум
или само продолжение
на машините кои бројат
отчукуваат и пресметуваат
животни единици кои ќе ни олеснат
со нив да препознаеме каде сме
со нив да кажеме со кого сме
со нив да се претставиме какви сме
какви не сме
од љубените сум
љубам ли од причина
или љубам да се разберам
да зборувам без да речам
говорот без тоа е грешен
мислата без тоа е грешна
од омразените сум
или мразам од омраза
кон тие што се шупливи
преполни со тиња и бол
преполни тела
преполни глави
преполни згради
кој сум меѓу нив
меѓу бледите ѕидови
порушливи од колиби
можам ли тука да се пронајдам
да бидам
да знам
да победувам
кој сум тука без луѓе
што врват измеѓу
без луѓе
без глави и мозоци
без срца и раце
кој сум ако не сум
сум

се мислам кој сум
ако не сум со нив

се мислам кој сум
ако не сум со нив

се мислам кој сум
ако овие бледи ѕидови
се празни измеѓу
како што се празни внатре

кој сум ако не сум
сум

со нив и со мене




Monday, January 26, 2015

Молитва за молк наместо сон

Нема никогаш да престанам да ти се молам
Господару на сенките – заштитнику.
што ме прегрнуваш, криеш и вдомуваш
во твојата темнина. Затоа што бледоста
ја прифаќаш, светлината успокојуваш.
Со тебе знам како да живеам.

Нема никогаш да престанам да ти се молам
Господару на студот – водителу.
што ме покриваш, подучуваш и понесуваш
надвор од огновите кои бесно дивеат.
Јазиците нивни баат навнатре, спротивно
од кожата на која си послан ти.
Со тебе знам како да допирам.

Нема никогаш да престанам да ти се молам
тебе Господару на смртта – кошмару.
што ме соблекуваш, возбудуваш и стравуваш
за нештата што прават да не престанам
да мислам и копнеам во ноќите што немаат
да понудат ништо друго освен осаменост,
бол и ладна прегратка на тишината што одѕвонува.
Со тебе знам како да љубам.

Нема никогаш да престанам да ти се молам
Господару на себеси – мозаику од парчина јас.
Не се тие повеќемина туку еден поделен во светови
со отсјаи кои ги гледаат, ги слушаат и ги оценуваат.
Подари ме целосно на оваа молитва, но оваа тивка
порака упатена кон четирите божества затоа што
само со тебе знам вистински како да зборувам.
Со тебе знам како да зборувам.


Tuesday, January 13, 2015

Преписка од Достоевски

Јас не сум празна форма Французин
да ти пејам ne me quitte pas
обично сум куче словенско
желно за крв месо и мед
жедно за твојата водена чинија
да лижам и да ме лигави
обично сум дрво немо на улица
спремно да ме оставиш и да ти
зашумам сред зима со моите
безлисни ковчести гранки
јас сум твојот ебан поет
што ти е потребен
тој што мене ми е потребен
твојот најизебан поет.


* Во суштина преписката е од Алексеј Иванович


Monday, January 12, 2015

монозбор

зборувај ми за планини
приказни и летачки чинии
зборувај ми за оружјa
со кои ги ловиш насмевите

сè е толку обично и посебно
кога станувам и кога спијам
сè е толку обично и посебно
кога патувам и кога пијам

зборувај ми за тоа каков сум
што правам и каде заминувам
кога ќе престанувам да мислам (на тебе)
зборувај ми за соништата

сè е толку обично и посебно
кога ме нема и кога доаѓам
сè е толку обично и посебно
кога одам и кога се сопирам

зборувај ми за четирите строфи
на светот и зборувај ми за четирите
страни на мене и на тебе и на 
сè што нè има допрено таму


Friday, January 2, 2015

Скржавец

Скржавец сум во овој момент
кој од детска презрива игра
се претвори во подводно патување
на сите мои крвни галии
кон златното море на мојот
кардиоваскуларен систем.
Единствениот остров тука – срцето
го посетуваат сите твои воздужни
пламени јазици што ноќва
распламтено и слободно
ќе преспијат на него.
Скржавец сум што не сака
овој остров да го сподели со
никого друг. Додека гори.