Friday, May 29, 2015

Патување

Вселенскиот брод е прилично висок
и во него се наоѓаме јас, ти и дузина други
познати, што пак ги немаме вистински
запознато. Не сме сигурни дали сме полетале
дали чекаме да полетаме или сме на пат
да се спуштиме на површината на земјата.
Неговото височество не очекува
и сите сме сигурни во тоа како изгледа и на кое
учење му припаѓа. А никогаш не сме се
сретнале со него или со неговото учење.
Можеби тој или таа е само заеднички лик
што го знаеме, сонуваме и се надеваме
дека од него ќе биде прифатено се'
и нашите тела приложени на овој брод
никогаш нема да осамнат додека се обидуваме
да ја доловиме неговата вистинската состојба
или пак неговата насока на движење
или мирување. Вселенскиот брод е висок. 
И непознатото повеќе не носи страв
нешто како научено патување.


Wednesday, May 27, 2015

Среќна песна

Среќна песна
таква сум решил да пишувам
и еве ја чкрапам и замислувам
и чувствувам како сум ослободил
огромни лубеници од под пазувите
што паѓаат и се распрснуваат
токму насред улицата
токму насред дневната белина
а тоа ме прави невообичаено среќен
баш како добра пијачка по пијачка
како тажно заводлива песна
која ми вели третирај ја добро
нели само со неа сакаш
да пишуваш среќна песна
баш сега и баш за ништо посебно.




Tuesday, May 5, 2015

Мисли на грам и секунда

сум бил на места каде има
човекови огништа
втемелени внатре
во приказни и времиња
каде огледала исцртуваат
пролетни дождови
и кантарите мерат мисли
на грам и секунда

немам своја молитва
ниту муза ниту божица
во светот на ѕвездите
ми измислиле терезија
за да се изродам мудар

но мислите ми се претешки
за да спијат во тишина
тие се од камени зборови
волнени сводови
црни пси и јалови поседи

мислите ми се прегусти
за да се нурнат во длабоко
тие се од маслени бои
нејасни гласови
глинени јадици и риби самици

сум се чул себеси кога зборувам
песните сепак ми се прекратки
за да се сфатат себеси
велат од нешто што некогаш ќе остане
но мислите се тие што
први се забораваат самите

и немам пусул за тоа или ова
ниту амбиција ниту идеја
во светот на хомо сапиенс
верувам само во атот
што го јавам в раце со стрела

сум се видел себеси кога полетувам
песните сепак ми се прелесни
за да ги продавам со цена вредна
тие се лаги што собираат тегли
полни со испуштени здивови
од подарени орални аплаузи

од места каде што има
човекови огништа
втемелени внатре
во приказни и времиња
каде огледала исцртуваат
пролетни изгрејсонца
и кантарите мерат мисли
по обично
на грам и секунда