Tuesday, February 24, 2015

Ноќта просветлува

Се врткам барам
место, хартија или меморија
или направа
да запишам
се испровоцирав себеси
послем неколку пива
решив најдобро е
да се карам со себе
да противречам

наместо дремка
денот така го привршувам
со матни мисли
тензија заради адреналин
и чувства во гасовита агрегатна состојба

но никогаш не се грижам пред спиење

утрата ги ловам бездруго
неколку часа подоцна
и им се поклонувам
со ладна вода врз лицето
и неколку сончеви поздрави

се ми се чини дека
само на своето паѓам
а она туѓото го користам
да си ја споредам
својата грешност

а има нешта
безимени сега а некогаш со моето име
кои ме допираат директно
и тоа не само во она горното
умот мој
туку и тука
на средина
на сред оваа пумпа во пустина со коски

има нешта кои ја подигаат рачката
точат крв
и со секое литро гориво
што ќе го исцрпат
го продолжуваат животот и љубовта

моите и вашите

и ако не тука
тогаш сигурно на некое друго
подобро место
со подобро јас
и подобро вие.



Tuesday, February 17, 2015

Мирис меѓу редови

Имам патничка карта
од твоите погледи и џарења
за вжарената линија
надолу кон таа темнина

Имам безбројни ѕеркала
имам безбројни дини градина

Имам риба и имам птица бесмртна

Имам магична напивка
што конечно се докажа
дека е само напивка

Имам мистичен цвет

Имам богови и ѓаволи
светци од различни секти
имам верба и стравови

Имам раце и имам срж бесмртна

Имам патничка карта
за твоите ѕвезди и месеци
имам ѓумбир и мед

Имам јазик усни семе
имам безбројни реки што ми ги подаде


Tuesday, February 3, 2015

Ноќни временски единици

Ноќните часови се
во најмала рака чудни.
Будат чудни потреби
нудат чудни сонови.

Ноќните часови се присетуваат
на стари моменти.
На желби, на мечти.
Повторливи работи.

Истапкани минути кога сакаш
да разговараш со мене,
истпакана цигара,
заспивање на кауч.

Ноќните часови се денот.
Оној што го гледаш
од внатрешноста
на заспаното сонце.

Времето е твое.