Friday, March 28, 2014

Спичку за закурить

Треба само
две улици во мрак
да се спојат
два облака во тела
да се истурат
треба само
гриз
шешир
и бастун
за да се
спознаат

треба само
да лачи
и да гори
одвнатре
како спичка
за да се
прободат



Monday, March 24, 2014

Прекуцување

Кутивчињата на вашите животи
се преполни со слоеви нераскажани искуства
чии скриени членки во листите на битија
имале можност да ги прочитаат

Рабовите на вашите усни
воопшто не наликуваат на мислите
што низ вас се врткаат

Слушам пластични чекори
што ме вознемируваат
лагите што ги сокриваме
нажалост се вистинските ние

Рабовите на вашите очи
целосно соодвествуваат
на чувствата што ги немате

Стиховите тврди што ги пишувам
далеку се од тоа што го сакам
поезијата што е неопходна
потребно е некому да ја посветам

Стиховите се празен обид
да се соблечам.
А голотијата привлекува.




Tuesday, March 18, 2014

Меден здив

Чувства велат тажен сум
а јас носталгичен
за дланка што е носталгична
за дланка

Онаа носталгија
кон иднината

Носталгија
за средба

меден здив



Monday, March 10, 2014

Мисли со желба

Ги гледам фотографиите што минуваат
ги слушам мислите што навираат
ги слушам мислите исмислени за луѓето
да се потсетат на себеси
да почувствуваат доколку можат
да закачат крилја и да полетаат
назад каде што умреле
пред болките и јадот
пред стравот

Минувам низ нив
минувам јас како сведок
на делото
на болката и стравот
сега
наспрема живоста
и смелоста кога бев
дете
закачен на шипката
за теписи
со нозете горе
јас доле летав

Сега се плашам од помислата.

Толку го запознав животот,
ми стана презначаен?
Или ја изгубив вербата
во неговата благословеност?
Се плашам ли дека нема
повторно да го добијам?
И љубовта,
радоста,
топлината,
домот
ќе бидат само момент
во вечен студ?

Мисли со желба
мисли со верба
требаат
Крилја