Saturday, January 31, 2015

Не сум сум

поет сум
или борец да се изразам
со бела филозофија без ука
филозофија од повод и од камен
од учените сум
или само продолжение
на машините кои бројат
отчукуваат и пресметуваат
животни единици кои ќе ни олеснат
со нив да препознаеме каде сме
со нив да кажеме со кого сме
со нив да се претставиме какви сме
какви не сме
од љубените сум
љубам ли од причина
или љубам да се разберам
да зборувам без да речам
говорот без тоа е грешен
мислата без тоа е грешна
од омразените сум
или мразам од омраза
кон тие што се шупливи
преполни со тиња и бол
преполни тела
преполни глави
преполни згради
кој сум меѓу нив
меѓу бледите ѕидови
порушливи од колиби
можам ли тука да се пронајдам
да бидам
да знам
да победувам
кој сум тука без луѓе
што врват измеѓу
без луѓе
без глави и мозоци
без срца и раце
кој сум ако не сум
сум

се мислам кој сум
ако не сум со нив

се мислам кој сум
ако не сум со нив

се мислам кој сум
ако овие бледи ѕидови
се празни измеѓу
како што се празни внатре

кој сум ако не сум
сум

со нив и со мене




Monday, January 26, 2015

Молитва за молк наместо сон

Нема никогаш да престанам да ти се молам
Господару на сенките – заштитнику.
што ме прегрнуваш, криеш и вдомуваш
во твојата темнина. Затоа што бледоста
ја прифаќаш, светлината успокојуваш.
Со тебе знам како да живеам.

Нема никогаш да престанам да ти се молам
Господару на студот – водителу.
што ме покриваш, подучуваш и понесуваш
надвор од огновите кои бесно дивеат.
Јазиците нивни баат навнатре, спротивно
од кожата на која си послан ти.
Со тебе знам како да допирам.

Нема никогаш да престанам да ти се молам
тебе Господару на смртта – кошмару.
што ме соблекуваш, возбудуваш и стравуваш
за нештата што прават да не престанам
да мислам и копнеам во ноќите што немаат
да понудат ништо друго освен осаменост,
бол и ладна прегратка на тишината што одѕвонува.
Со тебе знам како да љубам.

Нема никогаш да престанам да ти се молам
Господару на себеси – мозаику од парчина јас.
Не се тие повеќемина туку еден поделен во светови
со отсјаи кои ги гледаат, ги слушаат и ги оценуваат.
Подари ме целосно на оваа молитва, но оваа тивка
порака упатена кон четирите божества затоа што
само со тебе знам вистински како да зборувам.
Со тебе знам како да зборувам.


Tuesday, January 13, 2015

Преписка од Достоевски

Јас не сум празна форма Французин
да ти пејам ne me quitte pas
обично сум куче словенско
желно за крв месо и мед
жедно за твојата водена чинија
да лижам и да ме лигави
обично сум дрво немо на улица
спремно да ме оставиш и да ти
зашумам сред зима со моите
безлисни ковчести гранки
јас сум твојот ебан поет
што ти е потребен
тој што мене ми е потребен
твојот најизебан поет.


* Во суштина преписката е од Алексеј Иванович


Monday, January 12, 2015

монозбор

зборувај ми за планини
приказни и летачки чинии
зборувај ми за оружјa
со кои ги ловиш насмевите

сè е толку обично и посебно
кога станувам и кога спијам
сè е толку обично и посебно
кога патувам и кога пијам

зборувај ми за тоа каков сум
што правам и каде заминувам
кога ќе престанувам да мислам (на тебе)
зборувај ми за соништата

сè е толку обично и посебно
кога ме нема и кога доаѓам
сè е толку обично и посебно
кога одам и кога се сопирам

зборувај ми за четирите строфи
на светот и зборувај ми за четирите
страни на мене и на тебе и на 
сè што нè има допрено таму


Friday, January 2, 2015

Скржавец

Скржавец сум во овој момент
кој од детска презрива игра
се претвори во подводно патување
на сите мои крвни галии
кон златното море на мојот
кардиоваскуларен систем.
Единствениот остров тука – срцето
го посетуваат сите твои воздужни
пламени јазици што ноќва
распламтено и слободно
ќе преспијат на него.
Скржавец сум што не сака
овој остров да го сподели со
никого друг. Додека гори.