Tuesday, February 24, 2015

Ноќта просветлува

Се врткам барам
место, хартија или меморија
или направа
да запишам
се испровоцирав себеси
послем неколку пива
решив најдобро е
да се карам со себе
да противречам

наместо дремка
денот така го привршувам
со матни мисли
тензија заради адреналин
и чувства во гасовита агрегатна состојба

но никогаш не се грижам пред спиење

утрата ги ловам бездруго
неколку часа подоцна
и им се поклонувам
со ладна вода врз лицето
и неколку сончеви поздрави

се ми се чини дека
само на своето паѓам
а она туѓото го користам
да си ја споредам
својата грешност

а има нешта
безимени сега а некогаш со моето име
кои ме допираат директно
и тоа не само во она горното
умот мој
туку и тука
на средина
на сред оваа пумпа во пустина со коски

има нешта кои ја подигаат рачката
точат крв
и со секое литро гориво
што ќе го исцрпат
го продолжуваат животот и љубовта

моите и вашите

и ако не тука
тогаш сигурно на некое друго
подобро место
со подобро јас
и подобро вие.



No comments :

Post a Comment

Тell you something