Tuesday, May 5, 2015

Мисли на грам и секунда

сум бил на места каде има
човекови огништа
втемелени внатре
во приказни и времиња
каде огледала исцртуваат
пролетни дождови
и кантарите мерат мисли
на грам и секунда

немам своја молитва
ниту муза ниту божица
во светот на ѕвездите
ми измислиле терезија
за да се изродам мудар

но мислите ми се претешки
за да спијат во тишина
тие се од камени зборови
волнени сводови
црни пси и јалови поседи

мислите ми се прегусти
за да се нурнат во длабоко
тие се од маслени бои
нејасни гласови
глинени јадици и риби самици

сум се чул себеси кога зборувам
песните сепак ми се прекратки
за да се сфатат себеси
велат од нешто што некогаш ќе остане
но мислите се тие што
први се забораваат самите

и немам пусул за тоа или ова
ниту амбиција ниту идеја
во светот на хомо сапиенс
верувам само во атот
што го јавам в раце со стрела

сум се видел себеси кога полетувам
песните сепак ми се прелесни
за да ги продавам со цена вредна
тие се лаги што собираат тегли
полни со испуштени здивови
од подарени орални аплаузи

од места каде што има
човекови огништа
втемелени внатре
во приказни и времиња
каде огледала исцртуваат
пролетни изгрејсонца
и кантарите мерат мисли
по обично
на грам и секунда



No comments :

Post a Comment

Тell you something