Monday, January 26, 2015

Молитва за молк наместо сон

Нема никогаш да престанам да ти се молам
Господару на сенките – заштитнику.
што ме прегрнуваш, криеш и вдомуваш
во твојата темнина. Затоа што бледоста
ја прифаќаш, светлината успокојуваш.
Со тебе знам како да живеам.

Нема никогаш да престанам да ти се молам
Господару на студот – водителу.
што ме покриваш, подучуваш и понесуваш
надвор од огновите кои бесно дивеат.
Јазиците нивни баат навнатре, спротивно
од кожата на која си послан ти.
Со тебе знам како да допирам.

Нема никогаш да престанам да ти се молам
тебе Господару на смртта – кошмару.
што ме соблекуваш, возбудуваш и стравуваш
за нештата што прават да не престанам
да мислам и копнеам во ноќите што немаат
да понудат ништо друго освен осаменост,
бол и ладна прегратка на тишината што одѕвонува.
Со тебе знам како да љубам.

Нема никогаш да престанам да ти се молам
Господару на себеси – мозаику од парчина јас.
Не се тие повеќемина туку еден поделен во светови
со отсјаи кои ги гледаат, ги слушаат и ги оценуваат.
Подари ме целосно на оваа молитва, но оваа тивка
порака упатена кон четирите божества затоа што
само со тебе знам вистински како да зборувам.
Со тебе знам како да зборувам.


No comments :

Post a Comment

Тell you something