Friday, April 24, 2015

Сонови I и II

I

те сонувам во туѓ град
на нови улици со познати места
што ги бараме заедно
како стари улични љубовници

ти во некое друго тело
со туѓо лице и велиш
името ти е друго
твоите те прекрстиле

а те познавам
друга си, но и иста си
и го чекаш истиот број на автобус.

II

во овој мој град
доаѓаш со главата
прикачена на змиски врат
таму паднат сум и послан
помеѓу стотици тела
покриени во сивило
и чувствувам дека се сонувам

низ тој миг
каде болката и разочарувањето
изгледаат слаби и неважни

низ тоа чекање
каде трпението е страдање
наместо спас и благослов

низ тие меса
каде што нема ни љубов
ни вистинско ебење

низ тие изроди
што даваат и земаат
само тоа што е потребно
да не се промени ништо
па ниту илузијата
дека се живи без спокој
дека се нешто без друг

во овој исонуван град
повторно ти си нешто
што го љубам и мразам
што го имам и немам
како нешто што редовно
го практикувам врз себеси
како сетилата на сонот
кои воопшто не се мои
физички израстоци.

No comments :

Post a Comment

Тell you something