Saturday, February 16, 2019

/9/ огнени молитви


1.

Крвава еклипса -
секој момент е свет
ноќта умира во чест на соларниот Бог
креветот не е мој
ниту сонот што го допирам безсетилно

секој здив е одмерен
и свртен спрема моите гради

Почетокот на патот
го поставувам со мака
одам натаму каде што сакам
сепак припаѓам
на доцната крвава еклипса
што ја одминав телесно

секој даден збор е одмерен
и свртен спрема моите гради

Понекогаш си мислам
состојба од каде што не можам
да се вратам
е начин да те добијам
понекогаш те замислувам
замината, а јас друг
непроменет само погрешно посветен

секоја замисла е посебено одбрана
секоја солза е одмерена
и свртена спрема моите гради

Во ноќите безвременски
и во оние кои што им следат
толку обични, сурови и празни
го поставувам патот
велам што е горе
тоа и доле
што е измеѓу - јас

почнувам и секој запис
е свртен спрема твоите гради.

2.

Ти си моја и јас твоја
среќа и несреќа велиш
и јас се шегувам
и ти се шегуваш
и двајцата се штрекнуваме
и молчиме како да не е
како да мојата филозофија
е принцип на космосот
и како само да чекаме
времето да измине
и светот се промени
и луѓето се променат
а ние заедно останеме исти.

Во ноќите каде што
најмалку ти кажувам
најмногу пловам и се бодрам
дека мојата љубов е токму
принцип на космосот
па тешко ја искажувам.

3.

За 12 минути читам глава добра поезија
и се полнам со кофа оган спремен
да ја исплукам

12 часа се борев и носев со маката
дека не можам
а сега во ноќта не ми се ни
зборува со тебе

ретко сум во можност да бидам
во оваа ноќна немарнина
празна без бука или месечина
ниту крик а сепак загорлив сум

како да сум таму до сокакот
на една жена која ја посакувам
а без нејзината вода сум
без тутун, без нечујна болка
само мечта која ме буди и расонува
за поезија и нередовна инспирација.

4.

Зарем четвртата треба да биде
измочана со хедонизам кој го добивам
со водена стрела и лига
кој е толку сув и толку златен

Четвртиот дел не наликува
на тоа со што го сквернавам
четвртиот не е безизмерно задоволство
ниту ампутирана болка

но да силен е
во мене е различен
забрцан е во папочната дупка
и гребе и се продира навнатре

Четвртата приказна замотана
во претешка планина
завиткана во стрмни пустини
кои ќе треба да се пребродат

Четврата е ритуал што ќе треба
попат да го научам.

5.

Читам многу пијам
мислам многу пијам
а не пијам толку
само му верувам на пијалокот
он го пие пеколот од мене

и не пишувам многу
напротив пишувам преретко
дури и со страв. Жените ми станаа
многу полесни од поезијата
а задоволството е тука некаде

баш помислував да запишам
за ефектот што го добивам
со тоа што се чувствувам исполнет
со вреќа празнина. И стомакот знае
па го полнам со пиење
знае дека нему му верувам.

6.

Искрено имам за многу да пишувам
за убавини и за скапаници
за летови и падови. Дури и за
мојот расклатен карактер.

Поискрено имам и за кого да пишувам
имам жена, не сме верени
ниту ме знаат нејзините
и не е најсјајно, но таа е жена
што не можеш да ја одминеш в песна

И припомнав и дека ќе ја спомнам
неа и нејзините колачи за мене.
Неспремени но знам би ги донела
во пластичното со сино капаче
што треба да се врати

Имам многу да пишувам
многу и да љубам
многу и да заборавам
и многу песни кои не знам
како да ги завршам
кога се за неа.

7.

Грицкам ореви
ја меркам чешмата за вода
пишувам, читам и не спијам
не се грижам што работам
ниту сум уморен
ретко користам хартија
имам лош ракопис
штрбо пенкало
немам нешто простор
може немам време
постојано сум возбуден
од мисли и чувства што ми навираат
ретко грешам
а кога грешам признавам
најдоцна до следниот ден
грицкам ореви
што ми ја сушат устата
но полн сум и вода пијам
само наутро или послем вечера
и сакам мирни ноќи
во кои сум тивок и осамен
и најголемите соочувања
се токму тие
што не знам зошто и како
во такво битисување
комотно уживам.

8.

Би завршил со четврта
за вечерва
онаа место цигара
што порано ја палев
на малата терасичка
со возбудливиот поглед
кон оџаците на Комуна и Топлификација
пред да спијам
или пред да заспијам
растревожен од некоја црна мисла.

Сега сум мирен
но пак би си поиграл со жарот
во темнината и тишината.

9.

Што заслужуваш
и што добиваш
овие денови се бавни и болни
пријателу личен

што даваш
и што понудуваш
за да бараш правда
и љубов што никој не ја скротил
непријателу на себеси

патот можеби води надолу
или можеби лебдиш
и не пратиш ниедна патека
нема да изгубиш пријателу
ти веќе го фати местото со најубав поглед
и трпеливо чекаш љубов
посилна од себеси.

2016, август



No comments :

Post a Comment

Тell you something