Wednesday, August 27, 2014

Посакувано проклетство

Понекогаш се плашам
од преголема количина инспирација накратко.
Знаете тоа е како да и подавате рака на старица
на сите семафори додека да стигнете некаде.

Не сум толку фин простете
додуша и ретко кога сум толку надразнет
со идеи што вредат да постанат нешто повеќе
од издувана прашина зборови.

И каква било синергија меѓу мене и вокалот
што треба да ги расее е ништожна.
Едноставно не се согласуваме, ниту почитуваме
само се разминуваме со по некој одблесок омраза
од некоја не толку случајна чаша аперитив.

А многу посакувам да беше подобро и поинаку
да бев некој обожован лик од филм ноар.
За тоа го колнам Ѓаволот и сите негови слуги
а Бог го чекам да престане да биде толку пеколно досаден
па тогаш може и да позборуваме за најновите научни откритија
и како истите се имплементираат на белото платно.

О Боже О Сатано
понекогаш само сакам да воздивнам со Вашето име
и верувајте дека тоа не е напразно.
Спомнувајќи Ве доживувам катарза.
И кога молчам в тишина
и кога врискам како животно.
Благодарам за енергијата и вечните кружници
што ги исцртуваат моите клетки се за Вас.

Како што реков
се плашам кога ќе ме нападне проклетата инспирација.
Тоа автоматски ве напаѓа и вас со вжештени сабји слогови.
А вие сте фини, образовани, културни и продуховени
совршени за да престанете да мислите
уште помалку да читате,
а најмалку да прокрварите.
Доволно е да слушате.



No comments :

Post a Comment

Тell you something