Tuesday, September 9, 2014

Песочен призрак

Кадра и привиденија
прикачени на караваните кои врват
низ песочни дини населени со неживите
се прикажуваат во астрални соништа

бездушни тела и аморфни коски
го чекорат патот кон литургискиот култ
со усти полни песок и муви
го земаат своето свето причестување

На врвот од патот песочен призрак стои
држи тајна чивија на смртта
неживи и бездушни негова моќ ќе примат
со бакнеж врз засушената црвена течност
живот преку смрт ќе видат

Небото зинало над своите чеда
бесмртноста фрлила сончев поглед
врз врелиот песок и кожи кои висат над мртвите тела
ритуалот буди живот и надеж
илузија што космичкото проклетство ја зема

Меѓу небото песокот и магливото море
се крие вистината што ја дишат се потешко
песочниот призрак не е творец
само ништожник кој има сила над времето
тој не може да даде ниту земе

Приказни и замастени хартии
прикачени на караваните кои врват
низ песочните дини населени со неживите
се читаат во астрални соништа

бездушни тела и аморфни коски
го градат патот кон подземниот свет
со умови полни црви и болест
го плукаат своето свето страдание

преку молитви и песни
преку танци и верба
преку ветар и гушење
преку тивок сон и спиење

нивниот аџилак е крунисан
со древен страв и безвредно знаење
нивниот призрак е во нас кога сонуваме
нивниот песок е во нас кога издишуваме

~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~





No comments :

Post a Comment

Тell you something